Противпожарната единица од Струмица (ТППЕ) соопшти дека од вчера попладне, во текот на ноќта, па сè до утринава, во околината на градот се чувствува мирис на чад, предизвикан од пожарот на депонијата во село Еднокуќево.
„Екипите на ТППЕ Струмица вчера интервенираа двапати, во попладневните и ноќните часови. Денеска, уште од раните утрински часови, пожарникарите- спасители повторно се на терен и интервенираат со цел локализирање и гаснење на пожарот“, се вели во соопштението.
Според информациите од градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, во текот на денешниот ден се очекува да започнат активности за расчистување и потрупување на депонијата со помош на соодветна механизација, со цел да се придонесе кон справување со пожарот и спречување на неговото повторно разгорување.
Пожарите на депониите не претставуваат само опасност од ширење на огнот, туку предизвикуваат и загадување на воздухот, со чад и непријатна миризба што се шират и до околните населени места.
„Пожарот на депонија не завршува секогаш кога пламенот ќе се изгасне. Тлеењето во длабочината на отпадот може повторно да го активира огнот и да бара долготрајни интервенции“, наведуваат пожарникарите од Струмица во објавата на социјалните мрежи.
Тие апелираат за одговорно однесување и поголема грижа за животната средина.


