Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, побара надлежните институции да го истражат пожарот што вчера беснееше на депонијата „Мелци“ порачувајќи дека „оние што намерно го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните мора да одговараат“.
„Станува збор за пожар кој, според досегашните сознанија и начинот на неговото избивање, покажува сериозни индиции дека е подметнат. Ова не е само напад врз депонијата – ова е напад врз градот, граѓаните и животната средина“, порача Јанчев.
Пожарот вчера излезе од контрола откако огнот се прошири надвор од депонијата.
Сепак, како што доцна синоќа информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) пламените јазици биле совладани и екипите на терен успеале да ги заштитат околните лозови насади.
Гаснењето со вода, рече Ангелов, не ги дало посакуваните резултати, па за да се запре чадот противпожарните и останатите екипи на терен почнаа да го затрупуваат со земја.


