Сомнежи во Киев: „Старлинк“ на Илон Маск ја ограничи услугата без предупредување, ни пропаднаа важни мисии

Објавено:

Украинските сили се соочија со нов проблем во врска со употребата на американска сателитска технологија, откако компанијата „Спејс-икс“ (SpaceX) на Илон Маск, воведе оперативни ограничувања за воените терминали „Старшилд“ (StarShield) при движење со брзина поголема од 100 милји на час, објави новинската агенција Ројтерс.

Според украинските власти, одлуката била спроведена без претходно предупредување и веќе попречила одредени воени мисии. Оваа вест доаѓа во време на зголемени тензии околу американската поддршка за Киев и украинските напади врз руската енергетска инфраструктура, пренесува Ројтерс.

Серхиј Бескрестнов, советник за технолошки прашања на украинскиот претседател, изјави дека украинските одбранбени сили не биле информирани за промената и дека, како резултат на тоа, пропаднале голем број мисии.

„Нашите одбранбени сили не добија никакво предупредување за такво ограничување, што доведе до неуспех на низа мисии. Очигледно е дека оваа постапка не е случајна и е поврзана со актуелната политичка ситуација“, додаде тој.

Според извештаите на украинските медиуми, прекините во поврзувањето го попречиле функционирањето на беспилотните системи, а последиците се чувствуваат и во логистиката и во операциите со долг дострел.

За време на војната, Старлинк стана витален дел од комуникациската инфраструктура на Украина, делумно поради способноста да одржува поврзаност дури и кога другата комуникациска опрема е изложена на попречување на сигналот. Верзијата СтарШилд, наменета за воени потреби, е дизајнирана за владини и одбранбени корисници, а нејзината достапност е особено значајна за специфични операции што бараат сигурна мобилна поврзаност. Следствено, техничката промена спроведена од приватна компанија може да има последици што ги надминуваат границите на пазарот за телекомуникации, пишува Ројтерс.