Зеленски во Лондон – Британија ќе ја зголеми поддршката за Украина

Објавено:

Британскиот премиер Енди Барнам денеска ќе го прими Володимир Зеленски на Даунинг стрит, за да ја истакне својата непоколеблива поддршка за украинскиот претседател, кој неодамна беше критикуван од Доналд Трамп, соопшти британската влада.

Лидерот на лабуристите за време на средбата ќе вети дека во наредните недели ќе ја забрза испораката на клучни системи за противвоздушна одбрана и ќе ги повика меѓународните партнери да ги заострат санкциите против Русија, се наведува во соопштението од Даунинг стрит.

Украина и нејзините европски сојузници беа затекнати од одлуката на американскиот претседател минатата недела да ги укине санкциите за рускиот дизел, со цел САД да можат да купуваат големи количества од ова гориво.

Целта е да се намалат цените на бензинските пумпи и да се придобие наклонетоста на американските гласачи пред клучните меѓуизбори во САД, истакнува агенцијата Франс прес.

Доналд Трамп остро го критикуваше и Володимир Зеленски, одејќи дотаму што во саботата им предложи на Украинците да изберат нов лидер кој би можел да постигне мировен договор со Москва.

„Во такви околности, нашата непоколеблива поддршка за Украина е клучна за гарантирање на безбедноста на Обединетото Кралство и за обезбедување на потребната опрема за оние на првата линија на фронтот“, изјави Енди Барнам во соопштението.

Британскиот и германскиот министер за надворешни работи во вторникот од Варшава ги повикаа сојузниците да воведат дополнителни санкции против Русија.

Обединетото Кралство е еден од најважните поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година.