Соединетите Американски Држави (САД) и Европа подготвуваат заеднички мировен предлог за решавање на конфликтот во Украина, што вклучува обнова на земјата, безбедносни гаранции за Москва и за Киев, енергетски договор и прекин на огнот на сегашната линија на фронтот, објави „Вашингтон пост“. Според весникот, планот треба да обезбеди финансиски и безбедносни придобивки за Русија и Украина, како и да создаде основа за решавање на територијалните спорови.
Првата точка предвидува реконструкција на Украина за која преговарачите би побарале од Киев да ги процени трошоците.
Втората се однесува на безбедносни гаранции за двете земји, но конкретните договори планирани со Москва сè уште не се прецизирани.
Третата точка предвидува енергетски договор меѓу Русија, Украина и Европа, кој би можел да вклучува изградба на гасовод за снабдување на европските земји. Таквиот договор би обезбедил приходи и за Москва и за Киев, а би вклучувал враќање на Русија на европскиот енергетски пазар и рок за укинување на санкциите.
Четвртата точка предвидува прекин на огнот по сегашната линија на фронтот.
Според „Вашингтон пост“, поттикот за новиот план дошол од состанокот на американски, европски и украински преговарачи на Флорида, на 9 октомври. Состанокот беше организиран од американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, а на него присуствуваа украински официјални претставници, како и претставници од Велика Британија, Франција и Германија.
Од Кабинетот на украинскиот претседател изјавија дека текстот во „Вашингтон Пост“ претставува „прилично добар ПР за американската страна“ и потврдија дека тоа е прераскажување на визијата на дел од американскиот тим што присуствувал на средбата во Флорида.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ги прочитала натписите во медиумите, но тврди дека официјално „не знае ништо за самиот план“. Тој додаде дека санкциите од ЕУ би можеле да бидат пречка за какви било нови енергетски договори со САД.
Војната меѓу Русија и Украина започна на 24 февруари 2022 година, кога руските воени сили започнаа целосна инвазија врз Украина.


