Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Русија и Украина се согласиле на меѓусебен прекин на нападите врз енергетските објекти.
„Од овој момент па натаму, постои енергетски прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина. Двете страни се согласија за ова. Не го кршете примирјето!“, напиша американскиот претседател на неговата социјална мрежа Truth Social.
За потсетување, Доналд Трамп постојано бараше украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане да ги таргетира руските енергетски објекти – последниот пат вчера, откако Зеленски остро го критикуваше договорот што Трамп го постигна со Владимир Путин за купување руски дизел.
Украинскиот претседател денеска изјави дека Киев ќе престане да ги таргетира руските рафинерии само како дел од „меѓусебно деескалирање на конфликтот“.
По објавата на Трамп, тој рече дека тоа е новост за него, но Украина е подготвена да прифати таков договор ако на него се согласила и Русија.
„Објавувањето на прекин на огнот е новост за мене. Но, ако Русите се согласиле на енергетско примирје, и Украина ќе се согласи. Ако претседателот Трамп се договорил за тоа со Путин, ве молиме кажете ни кога ќе започне прекинот на огнот – ние сме подготвени и ќе го прифатиме“, рече Зеленски.
Официјална Москва сè уште не ги потврди деталите или условите на ваквиот договор.
Руската државна новинска агенција ТАСС ја објави веста, но повикувајќи се на објавата на Трамп.
Засега останува непознато кога треба да стапи на сила „енергетското примирје“ ниту на кои конкретно објекти се однесува договорот.
Но, речиси идентично тврдење преку социјалните мрежи Трамп изнесе и пред околу еден месец. И тогаш напиша: „Украина се согласи да не напаѓа руски енергетски цели. Русија се согласи да го стори истото!“ Но, во пракса тоа не се случи.
Русија и Украина продолжија со меѓусебни напади на енергетската инфраструктура и покрај најавата на Трамп.


