Сиљановска-Давкова: Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом

Објавено:

Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање едни други, за градење свест за заедничко добро, порачува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во честитката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

За разлика од 11 октомври 1941 година кога, како што вели во честитката, „македонските синови и ќерки тргнаа во решителен бој против фашистичките окупатори, бранејќи ја татковината“, денешново време наметнува други приоритети, но секогаш остануваат човековата жед за правда, достоинство и слободен живот како насушна потреба.

„Современиот бурен, сложен и конфликтен историски миг, од нас бара сплотеност, зрелост и мудрост, како неопходни доблести во справувањето со новите предизвици и проблеми со коишто сме соочени не само ние, туку и Европската Унија, Европа и светот“, вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, мора да градиме правна и демократска држава, но и граѓанско општество во кое законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на сите, а сечие човеково достоинство ќе биде неприкосновена вредност.

„Секое поколение има свој испит пред историјата. Нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку, да ги оживотвориме нивните подвизи: со знаење, наместо со незнаење; со право, етика и морал, наместо со самоволие; со единство, наместо со раздор; со заслуги, наместо со политички, партиски и статусни привилегии. На крајот, на востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава! Ние пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава“, порачува претседателката.

Со честитка се јави и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој вели дека Денот на народното востание е симбол за храброст, слобода и достоинство.

„Со почит се сеќаваме на сите кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивните вредности, заедништво, солидарност и меѓусебно почитување, нека бидат наша водилка и денес“, порачува Гаши.

Од државниот врв, преку социјалните мрежи честитка упати и премиерот Христина Мицкоски порачувајќи дека овој 11 Октомври не треба да биде само ден на сеќавање туку и ден на нова одговорност – „одговорност да ја чуваме слободата затоа што слободата не е завршена приказна. Слободната е дело што секоја генерација мора да го продолжи“.

Мицкоски ќе има и свое обраќање на Свечена академија што Владата ја организира на Спомен костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“.

Опозицискиот СДСМ, пак, во пресрет на празникот на 10 октомври организираше марш во Прилеп.