Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги нападна организаторите на Нобеловата награда за мир откако не успеа да ја освои престижната награда оваа година.
Во објави на неговата социјална мрежа Truth Social, тој тврдеше дека ја заслужува наградата за неговите достигнувања во надворешната политика и ја критикуваше овогодишната добитничка, јужноафриканската адвокатка Нави Пилај.
Трамп наведе голем број на негови наводни достигнувања, вклучувајќи го и соборувањето на поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро и завршувањето на осум војни. Тој исто така тврди дека е блиску до завршување на уште два конфликти.
„Сепак, и покрај сè што јас или Соединетите Американски Држави направивме, не ја освоивме Нобеловата награда за мир“, напиша Трамп.
Ден претходно, во друга објава тој тврдеше дека заслужува осум Нобелови награди за мир затоа што, според неговите зборови, завршил осум војни.
Тој си ја препиша заслугата за завршување на конфликтите меѓу Камбоџа и Тајланд, Косово и Србија, Демократска Република Конго и Руанда, Пакистан и Индија, Израел и Иран, Египет и Етиопија, Ерменија и Азербејџан и Израел и Хамас.
Некои од конфликтите што ги наведе тој во реалноста продолжија, додека за завршување на дел од нив важна улога одиграа и други актери.
Трамп, исто така, тврди и оти е блиску до завршување или победа во уште две војни, оние во Иран и Украина.
Американскиот претседател не пропушти шанса да ја критикува и овогодишната добитничка на Нобелова награда за мир, јужноафриканската адвокатка и поранешна висока комесарка на Обединетите нации за човекови права, Нави Пилај.
„Не знам ништо за оваа жена, ниту пак некој друг! Колку што знам, никој никогаш не слушнал за неа, освен фактот дека таа очигледно го мрази Израел“, напиша Трамп.
Пилај ја доби Нобеловата награда за мир за нејзината долгогодишна работа во заштитата на човековите права, меѓународната правда и владеењето на правото.
За време на нејзината кариера, таа беше судијка во Меѓународниот кривичен суд, работеше на гонењето на злосторствата извршени за време на геноцидот во Руанда, а од 2008 до 2014 година ја извршуваше функцијата висока комесарка на ОН за човекови права.
Таа, исто така, ја предводеше истражната комисија на ОН која заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа, што израелските власти го отфрлаат.


