„Готово е“, студентите со ист слоган против Вучиќ како против Милошевиќ

Објавено:

„Готово е“, скандираа поддржувачите на опозициската листа „Студентите победуваат“ на предизборни митинг во Ниш, најголемиот град во јужна Србија. Истиот слоган, потсетува Би-би-си на српски јазик, го користеа и противниците на режимот на Слободан Милошевиќ пред повеќе од две децении.

На митингот во Ниш, наречен „Крстопат“, кандидатите од студентската листа им порачаа на гласачите дека изборите на 25 октомври се едноставни – „од едната страна е Србија, а од другата, само мафијата“.

„Се колнеме дека ќе се бориме против корупцијата и организираниот криминал, нема сила што ќе нè запре“, рече Јово Бакиќ, еден од многуте универзитетски професори кои се најдоа меѓу кандидати за пратеници на листата „Студентите победуваат“.

Според прогнозите на аналитичарите и некои анкети на јавното мислење, кои Би-би-си не може да ги потврди, најголемата битка на предвремените парламентарни избори на 25 октомври ќе се води токму помеѓу студентската листа и владејачката Српска напредна партија (СНС) чија листа е предводена од доскорешниот претседател Александар Вучиќ.

Опозициската студентска листа ја обвинува владејачката гарнитура за долгогодишна корупција, некомпетентност, небрежност, државно задолжување, низок животен стандард и партиски вработувања и велат дека сето ова ќе се промени по изборите кога, како што велат, ќе „донесат слобода во Србија“.