ФОТО: Скопското Кале ќе биде дел од Скопје 2028 – Европска престолнина на културата

Објавено:

Обновувањето на Скопското Кале ќе добие владина поддршка и во иднина ќе има две музејски содржини – Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство.

Целта е да биде целосно уредено и ставено во функција како дел од програмата Скопје 2028 – Европска престолнина на културата.

skopsko-kale
Музеј на Скопското Кале / Фото: Влада на РСМ

Ваквите најави беа дадени денеска (10 октомври) при посетата на премиерот Христијан Мицкоски и владина делегација кои извршија увид во градежните активности.

„Ако биде се како што треба тоа ќе се случи следната година нормално од оваа година ако почнеме. Сега е веќе средено, тука знаете имаше трева, колку толку хортикултурно е потсредено за да можат колку толку посетителите да се запознаат со Скопското Кале, но не сме задоволни од ова што во моментот се случува. Знаеме дека Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме позади институциите и финансиски и логистички и секако да скопското Кале го добие оној лик којшто го заслужува и да биде дел од Скопје-европска престолнина на културата“, рече Мицкоски.

Музеите на Кале преку оригинални археолошки предмети, документација и интерактивни содржини треба да ги презентираат резултатите од истражувањето на овој локалитет и да го претстават животот во неговите праисториски и османлиски населби.

skopsko-kale
Музеј на Скопското Кале / Фото: Влада на РСМ

Како што информираа од Министерството за култура и туризам, досега се подготвени концепциите, креиран е визуелен идентитет за музеите и набавени се таблети и уреди за виртуелна реалност. Следува деталната разработка и реализација на изложбените и дигиталните содржини, со цел создавање квалитетни и достапни поставки за посетителите.

Скопје во 2028 година е избран да биде Европска престолнина на култура. Титулата ја доделува Европската Комисија и со неа се здоби во 2023-та. Во пракса таа ќе треба да донесе секојдневна и богата културна програма во главниот град во 2028 година.