Македонија, Грција и Албанија ќе го номинираат Преспанскиот Регион за Светско наследство на УНЕСКО

Објавено:

Македонија, Грција и Албанија заеднички го номинираат Преспанскиот Регион за Листата на светско наследство на УНЕСКО.

Министрите за култура и туризам на трите земји вчера (9 октомври) во Грција потпишаа заедничка заложба за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион, како и за заедничка подготовка на неговата номинација.

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани оцени дека заедничката номинација за УНЕСКО е суштински чекор во соработката меѓу трите земји. Целта е не само меѓународно признание за преспа, туку и долгорочно и одржливо управување со Регионот од што конкретна придобивка би имале локалните заедници.

„Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави. Токму во таа сложена убавина лежи и нашата одговорност: да ја претвориме во причина за континуирана, добро координирана и резултатски ориентирана соработка“, порача Сулејмани.

Преспа, нагласува министерот, заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат, а заедничките вредности се негуваат.

На потпишувањето на заедничката заложба покрај министерот Сулејмани и неговите колеги од Грција и Албанија – Лина Мендони и Бленди Гонџја, присуствуваа и Михалис Рокас, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Синиша Шешум, раководител на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево при Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колубија, како и претставници на локалните самоуправи и институциите од трите земји.

Македонија веќе имаат искуство во соработката со Грција и Албанија во оваа област. Еден од нив е соработката за Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција, во чии рамки се реализира конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Тука се и заедничките активности со албанските институции на островот Мал Град.