Полека и тивко, почна да расте водостојот на Преспанското езеро, кое го делат три држави, Македонија, Албанија и Грција. Во изминативе неколку месеци водостојот е зголемен за над 80 сантиметри во висина, но тој се уште е под биолошкиот минимум на кота од 847 метри надморска височина. Долгата плажа обрасната со трева, која израсна по повлекувањето на водата, сведочи за долгогодишнот тивко стареење и повлекување на езерото.
Некогаш богат екосистем, дом на ретки видови птици и риби, денес сè почесто остава зад себе голи, испукани брегови. Со децении, езерото се соочува со загрижувачки низок водостој. Обилните врнежи во изминатите четири месеци донесоа малку надеж за Големото и за Малото Преспанско Езеро.

Овој мост во преспанското село Стење, кој беше изграден во 2014 година, беше поставен над вода, за сега 12 години подоцна целосно да е на суво,оштетен и незбеден. 67 годишната Неда Мусалевска, која ги шеташе своите гости од Скопје покрај мостов, вели пред седум години кога купила викендичка во Стење, мостот бил во вода.
„Под мост и ние со децата се бањавме, внуците тука во езерото. После тоа почна да се повлекува, да се повлекува и многу се повлече секоја година понатаму и понатаму”, вели таа.
Сега, се радува на снегот и дождовите кои носат надеж дека водостојот ќе порасне и може да се врати убавината што замина.
„Значи тоа е една добра работа. Барем надоаѓа езерото и кога ќе се стопат овие околу снегот се надеваме дека ќе има повеќе вода“, вели Нада.
И доцна во април, врвовите на планите кои го чуваат Преспанското езеро се покриени со снежна покривка, која како што вели локалното население “ќе се симне во Преспанското езеро“.
Пензионерот Гоце кој цела година ја поминува во селото Коњско вели дека лани била најтешка година откако памети. За среќа вели, годинава тргнало малку на подобро, само не е оптимист дека ќе продолжи зголемувањето на водостојот.
„Овде е длабоко, не се забележува, ама таму се забележува (покажува кон сртот во Стење). Сега е длабоко, лани овде беше и кал. Не можеш да влезеш в чамец. Кај кривината има плажа, ја викаме Чертикамен, таму е подобрено, може човек и да се избања. Ама нема ова уште долго да трае, сега ќе почне да паѓа нивото“, забележува тој.














Максималниот водостој на Преспанското Езеро бил на кота од 851,83 метри надморска височина и тој е забележан во 1963 година. По таа година, започнало и намалувањето на водостојот и повлекувањето на езерото. Најниската вредност езерото ја достигна лани во ноември со кота од 840,8 метри надморска височина.
Годинава се забележува благ раст достигнувајќи до кота 841 метар надморска височина, покажуваат податоците од од Управата за хидрометеоролошки работи од Македонија (УХМР), за нивото на Големото Езеро кај Наколец.

Водата на одредени делови е повлечена и по неколку стотици метри каде сега е останата само кал. Во текот на шест децении, ова езеро изгуби вода со големина на речиси 11 езера како Дојранското.
Советникот за управување и мониторинг на водите на Преспанско езеро, Ружица Перевска, за Институтот за комуникациски студии (ИКС) вели дека не верува оти до островот Голем Град во Преспанското Езеро ќе може некогаш пешки да се стигне.
„Историјата на Преспанското Езеро покажува големи осцилации, од драстично високо ниво, до пониско“, вели таа, но сепак е оптимист дека ова, најстрашно сценарио за Преспанското Езеро нема да се случи.
Без стабилен дотек, а со стабилен истек, и со голема зависност од годишните врнежи на дожд и снег, ова езеро е жртва на климатските промени.
Климатските промени ја забрзуваат агонијата, повисоки температури, помалку врнежи, подолги сушни периоди. Според геолозите и ова езеро, како и останатите езера од Македонија одамна е зафатено со процес на „стареење“.
Кај метеоролошките параметри во последните 30 години се забележува тренд на покачување на температурите на воздухот, намалување на релативната влажност, зголемување на испарувањето, зголемување на облачноста и намалување на осончувањето, се вели во последната анализа на Министерството за животна средина.
Но, проблемот не е само во природата. Прекумерното користење на водата за наводнување, нерегулираните интервенции и недостигот од координирана заштита меѓу државите што го делат езерото го прават закрепнувањето уште потешко.
Низ историјата, Преспанското Езеро поминувало низ периоди на значителна загуба и повторно зголемување на водата, што укажува на неговиот цикличен карактер.Ова го заклучува професорот Златко Лефков од Институтот по биологија при Природноматематичкиот факултет во интервју за Сител поткаст.
„Податоците од истражувањата велат дека на пример пред само илјада години Преспанското езеро било со понизок водостој во однос на она што е и денеска. А тоа значи дека клучниот проблем со Преспанското езеро не е неговата варијабилност во однос на нивото, туку е проблемот во квалитетот на водата, односно интензитетот на внесување на хранителни материи преку комунални отпадни води, преку минерални ѓубрива и второто преку загадување со пестициди, пластика, а разен комунален отпад, детергенти и таканатаму“, вели Левков.
Од Македонското еколошко друштвото честопати потенцираат дека состојбата со Преспанското Езеро е резултат на повеќедецениска негрижа, недоволно финансирање, недостаток на кадар и координација меѓу институциите, но истакнуваат дека сè уште има простор за спас доколку државата и сите засегнати страни делуваат итно и заеднички.

Користењето на водите од малото Преспанско Езеро и префрлање вода во корчанскиот систем за наводнување, од албанска страна, поставувањето црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за наводнување на Ресенско Поле, пуштање во употреба на систем за наводнување во сливот на малото езеро, се дел од причините поради кои се намалува водостојот на Езерото, е наведено во заклучокот од извештајот на експертската група што ги анализираше состојбите со повлекувањето на водите на Преспанско Езеро пред неколку години.
Во него е посочено дека дополнителен проблем е и подигнување преграда на спојот меѓу малото и големото езеро, при што е спречен природен површински истек од малото кон големото езеро.
Податоците и теренските сведоштва укажуваат дека проблемот одамна ја надминал фазата на „предупредување“.
Во 2020 година, граѓански иницијативи и експерти поддржани од невладината „Охрид СОС“ побараа прогласување кризна состојба, поради драматично нискиот водостој на Преспанското Езеро. Таквото барање не наиде на одговор од македонските институции, а за тоа немаше слух ниту во соседството.
Иако постојат иницијативи и прекугранични проекти со Албанија и Грција, нивниот ефект останува ограничен без јасна, координирана и итна интервенција. Отсуството на прогласена кризна состојба не значи дека криза нема – туку дека таа се одвива во „бавна снимка“, надвор од фокусот на итните политики, но со долгорочни последици кои можат да бидат неповратни.


