Сиљановска-Давкова му честитала на Радев: Очекувам пријателски однос

Објавено:

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и телефонски му ја честитала победата на парламентарните избори во Бугарија на, веројатно, идниот бугарски премиер Румен Радев кој е на поранешен претседател на државата.

За нас, рече претседателката, е важно што ќе имаме со кого да разговараме.

„За мене регионалниот пристап е важен, потенцирав дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Се разбира, очекувам организирање средба“, изјави Сиљановска – Давкова.

Парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 19 април, а движењето Прогресивна Бугарија на Радев однесе убедлива победа.

Честитката за победата таа му ја пратила по порака, а зборувале и телефонски.

„Му честитав, му пратив порака. А потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарскиот народ, бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма“, рече Сиљановска-Давкова за разговорот со Радев.

Изборите во Бугарија беа осми по ред за пет години. Избивањето на Прогресивна Бугарија како доминантна политичка сила за бугарското општество отвора можност за излез од долгиот период на политички превирања и балансирање на моќта помеѓу партии ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков.

Дел од аналитичарите со кои претходно разговараше Колегиум.мк посочија дека победата на Радев тешко дека може да се гледа како добра вест за Северна Македонија. Тој има цврсти ставови кон македонското прашање и ретко кој предвидува дека би бил отворен за нови компромиси. Наместо тоа, предвидуваат аналитичарите, ќе инсистира на веќе договореното – бугарската заедница да се вметне во македонскиот Устав.

Уставните измени за Северна Македонија се услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина конференција со Брисел и да почне да ги отвора поглавјата во рамки на преговорите со ЕУ.

Македонската страна досега не го проблематизираше до толку вметнувањето на Бугарите во Уставот, колку што инсистира на тоа дека се потребни гаранции оти ќе нема нови непринципиелни условувањата од Република Бугарија во понатамошните евроинтеграции.