Радев ја бара „историската шанса“, Бугарија влегува во нова неизвесност

Објавено:

Бугарија денеска одржува осми парламентарни избори по ред од 2021 година, со цел излез од политичката криза која трае веќе пет години.

Својот глас на овие избори го даде и поранешниот претседател и лидер на коалицијата „Прогресивна Бугарија“ Румен Радев кој ги повика сите граѓани да гласат затоа што, како што велии, „ова е единствениот начин да се удави купениот глас во морето од слободни гласови.“

„Денес, Бугарија има историска шанса еднаш засекогаш да се раздели со олигархискиот модел „Пеевски-Борисов“. И ова е шанса што не треба да ја пропуштиме под никакви околности“, рече Радев по гласањето, јавува бугарскиот медиум Слободна Точка.

Радев како претседател на Бугарија, јавно се спротивставуваше на европските санкции против Русија и на помошта за Украина. Тој во јануари годинава се повлече од функцијата за да влезе во изборната трка.

Според неговата предизборна кампања, првото нешто што треба да се направи е „избор на нов Врховен судски совет и неговиот Инспекторат, кој и да избере нов генерален обвинител“. Но, во основа можноста за формирање Влада и по овие избори е мала, затоа што голема веројатност е да не освои апсолутно мнозинство, оставајќи го зависен од потенцијални партнери за формирање влада, велат аналитичарите во анализите на светските медиуми.

На пример во анализата на Фајненшнл Тајмс со наслов „Тројанскиот коњ на Владимир Путин ги води изборите во Бугарија“, се вели дека Радев е единствениот што се спротивстави на влегувањето на Бугарија во еврозоната.

„Радев е поблизок до Русија од кој било друг неодамнешен бугарски премиер,“ е наведено во нивната анализа.

Германскиот Дојче Веле, пак посочи дека Радев во интервјуата пред изборите јавно се изјаснил за обновување на дијалогот со Русија и се залагал за тоа „економијата да се стави пред идеологијата“.

„Ако се има предвид дека Радев политички покажува јасни паралели со Виктор Орбан, почнувајќи од проруските позиции и евроскептичната реторика, па сè до политички стил што се темели на конфронтација со Брисел. Загриженоста дека Бугарија би можела да стане следниот проблематичен случај во ЕУ, во тој контекст, не изгледа неоснована“, се вели во анализата на Дојче Веле.

Од друга страна пак, лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов вели дека Радев нема да може да формира Влада, затоа што неговата коалиција нема да учествува во никакви коалиции, посочувајќи дека ќе биде конструктива опозиција која ќе разговара на теми за одбрана и геополитика, јавува бугарскиот медиум „Слободна точка“.

„Оние кои се осмелуваат да кажат дека нема да има коалиција со ГЕРБ, никој не им дал согласност и не им дал претходни ветувања дека тоа може да се случи. Ние ги направивме нашите компромиси, „собирање“ во тројни коалиции, во поддршка, не гледам со кого можеме да формираме коалиција во моментов“, рече Борисов.

Според последните анкети на јавното мислење, ниту една партија нема реални шанси самостојно да освои мнозинство. Податоците од анкетите покажуваат дека Радев има околу 30 проценти поддршка, додека неговиот опоненет Борисов, има околу 20 проценти. По него, трета на листата е Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија со поддршка од 10 до 13 проценти. Помалите партии (БСП, ИТН, МЕЧ и други) се движат околу или под изборниот праг од 4 проценти.

Според бугарскиот устав, партијата што ќе заврши прва добива прв обид да формира влада. Ако победникот не успее, претседателката Илијана Јотова ќе даде мандат на второрангираната група. Ако и тие не успеат, таа има дискреција да избере трета партија пред да биде принудена да закаже нови избори.

Изборниот ден почна во 7 часот и треба да трае до 20 часот, а право на глас имаат повеќе од 6,5 милиони граѓани. Одзивот на гласачите во целата земја до 13 часот е над 15 проценти, објави претседателката на Државната изборна комисија, Росица Матева.