Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е „благо разочаран“ од одзивот на македонските граѓани кои се декларираат како Бугари, за гласање на осмите по ред предвремени парламентарни избори во соседна Бугарија. Тој изјави дека очекува на овие избори бугарските граѓани да изберат проевропски премиер кој ќе биде „добрососедски ориентиран“ и посветен на исполнувањето на Копенхашките критериуми, а не на билатерални спорови кои што „треба да дадат одговори сега на прашања од Средниот век“.
Ова беше дел од одговорот на Мицкоски на новинарски прашања поставени на прес конференцијата во Владата која беше посветена на мерките за високите цени на горивата. На прашањето што очекува од изборите на кои, според анкетите, досегашниот претседател Румен Радев е во предност, вели дека
„Можам да кажам дека сум благо разочаран од нискиот одзив на македонските Бугари бидејќи само 250 македонски Бугари се заинтересирани да учествуваат на овие избори, од оние според Радев и луѓето околу него, повеќе од 200 илјади. Очекував излезеноста да биде малку поголема“, изјави Мицкоски.
Бугарија денеска (19 април) одржува предвремени парламентарни избори, осми по ред од 2021 година, што ја прави една од најполитички нестабилните земји во Европската Унија во последните години. Новите предвремени избори доаѓаат по уште еден неуспешен обид за формирање стабилна влада.
Политичката криза во Бугарија трае со години. Од 2021 наваму, ниту една партија не успева да освои јасно мнозинство, што доведува до серија предвремени избори и краткотрајни влади.
Само во 2024 година, Бугарија одржа два парламентарни избори – во јуни и октомври – но и двата резултираа со расцепкан парламент и без стабилна коалиција.
На последните избори кои се одржаа во октомври 2024 година, победи централно-десничарската коалиција ГЕРБ, но со околу 25% од гласовите. Во парламентот влегоа дури осум партии, но ниту една комбинација не обезбеди стабилно мнозинство.
Изборните анкетите покажуваат дека на овие избори предност има коалицијата Прогресивна Бугарија, која е основана од поранешниот бугарски претседател Румен Радев. Радев како претседател на Бугарија, јавно се спротивставуваше на европските санкции против Русија и на помошта за Украина. Тој во јануари годинава се повлече од функцијата за да влезе во изборната трка.


