Колку Радев е лоша вест за Македонија?

Објавено:

Убедливата победата на Румен Радев и неговото политичко движење Прогресивна Бугарија на парламентарните избори, тешко дека може да се гледа како добра вест за Северна Македонија. „Тврд орев“ што тешко дека би бил отворен за нови компромиси, туку ќе инсистира на веќе договореното – бугарската заедница да се вметне во македонскиот Устав.

Ова се дел од ставовите кои доминираат во коментарите на аналитичарите во земјава, додека дел од нив оставаат простор и евентуалната комотна позиција што Радев би ја имал дома да го направи конструктивен политичар во дијалогот со македонската страна.

Според извршниот директор на Центарот за европски стратегии – Евротинк, Димитар Николовски, досегашните јасни и конзистентни ставови дека нема намера да отстапи од бугарските барања, се сигнал дека Радев ќе инсистира на целосна имплементација и тоа ќе биде предуслов за напредок на Северна Македонија кон ЕУ.

„Тоа значи дека фокусот ќе остане на исполнување на обврските кои Северна Македонија веќе ги има прифатено, вклучително и уставните измени, како и на поширокиот пакет прашања поврзани со историските и идентитетските наративи. Наместо политичка флексибилност или креативна дипломатија, може да се очекува тврд институционален пристап, кој го сведува процесот на строго почитување на договореното“, вели Николовски за Колегиум.мк.

Радев по изборите на 19 април изби како доминантна политичка сила во Бугарија по долг период на политички превирања и балансирање на моќта помеѓу партии ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков.

„Наметнувањето како главна политичка сила на бугарската политичка сцена практично го става на тест и него како политичар, но и неговата новоетаблирана политичка партија и најверојатно ќе биде под притисок тие тврди ставови да ги почитува до крај“, оценува аналитичарот Џелал Незири во разговор со Колегиум.мк.

Радев, од 2016 беше претседател на Бугарија. Си поднесе оставка во пресрет на парламентарните избори и влезе во трката за формирање на идната бугарска влада. Како претседател, потсетува Незири, тој беше клучен фактор и за т.н. француски предлог од 2022 година со кој се постави условот за вметнување на Бугарите во Уставот.

Сега, неговата партија Прогресивна Бугарија освои над 44 отсто од гласовите на парламентарните избори, според податоците на Централната изборна комисија на обработени 98,33% од гласовите. Далеку заед неа, како второ и третопласирани, со 13,4% и 12,7% се ГЕРБ и ПП.

Поверојатна е стагнација од напредок

Позицијата кон Скопје, како што посочува Николовски од Евротинк, Радев досега ја користеше и за внатрешно-политичка консолидација во Бугарија бидејќи ова прашање во тамошната јавност има „силна симболичка и политичка тежина“. А, сето тоа го намалува просторот за евентуални отстапки од Софија кои во тамошната јавност би се интерпетирале како слабост.

„За Северна Македонија ова значи продолжување на статус кво состојбата: без суштински напредок во преговорите, но со зголемен притисок за исполнување на преземените обврски. Наместо деблокада, поверојатен е сценарио на долготрајна стагнација, каде процесот ќе зависи исклучиво од нашата способност да ги исполниме условите – а не од подготвеноста на Бугарија за компромис“, вели Николовски.

Радев често во домашната, но и кај дел од европската јавност е препознатлив и по неговите проруски ставови. Од почетокот на руската агресија во Украина во февруари 2022, тој јавно се спротивставуваше на помош за Украина, имаше изјави дека Западот е извор на потенцијална опасност за Бугарија, одбиваше да потпише Декларација за поддршка на Украина … Во пресрет на изборите, дел од западните медиуми му „залепија“ етикета за можен наследник на унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, кој важи за близок со Русија.

Проруски или проевропски курс – важно и за дијалогот со Скопје

Според Незири, симпатиите на бугарските граѓани кон Русија несомнено Радев ги употребил за мобилизација на гласачите и „крадење“ на гласовите што досега ги добиваа проруските партии. Сепак, аналитичарот не верува дека тој ќе има простор да води поинаква политика од таа што е официјална кон ЕУ, како и да излезе од рамките на НАТО.

„Сè ќе биде појасно кога ќе видиме каква влада ќе состави и со кои партии ќе коалицира. Ако коалицира со помалите коишто се проруски партии, тогаш најверојатно ќе биде влада која нема да биде во добри односи ниту со ЕУ ниту со НАТО и ќе се обиде во тие структури да ги протежира руските интереси. Но, ако неговата влада се состави со проевропски политичари и со помали проевропски партии, тогаш најверојатно таа ќе биде влада која ќе биде конструктивна и во однос на Северна Македонија“, вели Незири.

Шансите каков курс ќе фати, додава, се 50-50. Или ќе ги зацементира тврдите ставови или ќе одигра поконструктивна улога.

„На долг рок, таа блискост со Русија не носи ниту политички, ниту економски резултати за него. Тој сега ќе биде во ситуација да менаџира со власта и се очекува да биде попрагматичен во однос на очекувањата на граѓаните, а тие очекувања се силна борба против корупција, економски развој, поголеми плати, подобро функционирање на институциите итн.“, додава Незири.

Кои се очекувањата на државниот врв во Скопје?

За победата на Радев денеска, 20 април, зборуваше претседателката Гордана Сиљановска – Давкова која рече дека резултатот од Бугарија е очекуван и вели дека ќе тргнат по ново решение за билатералниот спор.

„Не се согласуваме за полно работи, но умееме да се сослушаме со почит и да заклучиме дека ќе бараме решение“, вели претседателката.

Поради ситуацијата во светот, меѓународниот безбедносен поредок добива на тежина, а Балканот, според неа, секогаш бил зона за тестирање на односите на големите сили. Затоа таа очекува проширувањето на Унијата да се третира не само низ призна на поголема ЕУ туку и низ призма на поголема безбедност.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку брифинг со новинарите упати честитка до Радев нагласувајќи дека за Северна Македонија е во полза да има стабилна политичка Влада во Софија.

Нашата влада, рече Гаши, има јасна заложба дека европскиот пат е дел од нашата агенда и приоритет. Но, дилемите за кои е веќе јасно кои се, требаше да ги решиме заедно со политичка Влада во Бугарија, додаде претседателот на Собранието.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера изјави дека очекува граѓаните на Бугарија да изберат проевропски ориентиран премиер кој „наместо на билатералните прашања ќе се посвети на вистинските европски темелни вредности“.

„Очекувам дека како земја-членка на ЕУ, Бугарија ќе биде вистински промотор на копенхашките критериуми, а не на билатерални спорови, кои сега треба да дадат одговор на прашања, кои се од средниот век“, изјави Мицкоски на 19 април.

Владите на Северна Македонија и на Бугарија, предводени од Зоран Заев и Бојко Борисов во 2017 година потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.

Во 2020 година, Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Радев