Жители на населбата Капиштец во скопската општина Центар за утре, 11 јуни, најавија мирен протест против бучавата од тамошните угостителски објекти.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, пишува во повикот за протест што го објавија на социјалните мрежи од иницијативата „За пристоен Капиштец“ во која се организирани за решавање на проблемите кои им го отежнуваат секојдневниот живот.
Граѓанскиот протест е најавен за 11 јуни во 19 часот кај кошаркарското игралиште во Капиштец.
„Бараме почитување на законите и ефикасни инспекциски контроли. Заштита на јавниот ред и мир. Мирен и безбеден Капиштец за нас и нашите деца. Не бараме привилегии, бараме законите да важат за сите“, наведуваат жителите.
Во објавата тие велат дека им е доста на она на што се изложени со години односно прекумерната бучава од угостителските објекти, безбројните ноќи со микс и надвикување на техно-забави и турбо-фолк музики, како и од алкохолизирани групи кои дивеат навечер и ја кршат урбаната опрема и инвентарот во паркчињата.
Жители обвинуваат и за непостапување и неактивност на институциите кои имаат обврска да го заштита јавниот ред и мир.
Капиштец е една од најгусто населените урбани населби во Скопје каде последните години бучавата, покрај проблем за јавниот ред и мир, претставува сè поголем еколошки и здравствен предизвик за жителите.


