Европската комисија (ЕК) во својата Пролетна економска прогноза предвидува дека македонската економија ќе продолжи да расте, но побавно, под притисок на скапа енергија, слаб извоз, висока базна инфлација и ограничен фискален простор. ЕК не прогнозира рецесија, но првото предупредување е дека македонската економија го губи здивот.
За годинава се прогнозира раст од 3,2%, а за 2027 година уште мало забавување на 3,1%. Проекцијата за растот годинава е намалена за 0,1 процентен поен во однос на есенската процена, а прогнозата за 2027 година е намалена за 0,2 процентни поени. ЕК очекува економијата да остане зависна од домашната побарувачка, јавните инфраструктурни работи и растот на приходите, додека надворешната позиција и енергетската зависност ќе продолжат да ја влечат надолу.
Според ЕК, инвестициите треба да растат, за 9,8% во 2026 година и 8,8% во 2027 година, но извозот забавува од 6,1% во 2025 на 5,4% во 2026 и 4,6% во 2027 година. Увозот останува повисок од извозот – дел од растот се одлева надвор преку увезени стоки, енергија и услуги.
Второто предупредување од ЕК е инфлацијата. По 4,1% во 2025 година, ЕК прогнозира раст на потрошувачките цени од 4,4% во 2026 година, а за во 2027 година прогнозира намалување на 3,1%. Како причина, ЕК ги наведува не само надворешниот енергетски шок, туку и базната инфлација, високите цени на храната, како и трошоците во услугите.
Во извештајот се наведува дека храната сочинува околу 40 отсто од индексот на потрошувачките цени, а енергијата речиси една четвртина, што ја прави инфлацијата особено чувствителна за домаќинствата.
На пазарот на труд има подобрување, наведува ЕК во прогнозите. Невработеноста се очекува да се намали од 10,8% во 2025 на 10,5% во 2026 и 10,4% во 2027 година.
Сепак, Европската комисија предупредува дека остануваат долгорочните структурни проблеми, како високата неактивност кај работоспособното население, невработеноста кај младото население и недостигот на работници поради иселување на млади и квалификувани кадри.


