По повеќе од две децении, новинарската фела во земјава доби нов, современ Кодекс на новинарите на Македонија, кој одговара на предизвиците што ги донесоа дигиталните медиуми, социјалните мрежи и вештачката интелигенција.
Кодексот, кој денеска (7 јули) беше промовиран пред медиумската заедница, воведува нови стандарди за професионално известување, со посебен акцент на транспарентноста, точноста и заштитата на јавниот интерес, наспроти интересот на јавноста, спречување на конфликт на интереси и новите „методи“ на трговија со влијание.
Од една страна, со новиот документ граѓаните може да бараат од новинарите да го почитуваат во целост Кодексот во замена за довербата која тие им ја даваат на медиумите, вели извршната директорка на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска.
„Но, и во истовреме служи граѓаните да можат да направат разлика меѓу оние новинари и редакции што работат етично, што работат професионално, и пропагандистите, манипулаторите, и натрапниците кои ја злоупотребуваат оваа прекрасна професија и прават штета на сметка на развојот и просперитетот на нашето општество“, додава таа.

Токму во тоа лежи потребата за да се дефинираат правилата за етичко и професиoнално новинарство, вели пензионираната новинарка Мира Костиќ, која учествувала во изработката на првиот Кодекс пред 20 години, но и сега во неговото модернизирање.
„Од осамостојувањето до денеска, новинарите се дежурни виновници за се што се случува во државата, а за жал новинарските грешки се паметат долго, а лекарските, нека ми простат медицинарите, земјата ги покрива“, вели Костиќ.
Компас за употреба на вештачката интелигенција во новинарството
Со овој документ, или како што го нарекува претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, „нов договор меѓу новинарите и јавноста“, професионалните новинари се обврзуваат да одговорат на предизвиците од динамичното време во кое живееме.
Најголемата новина во Кодексот е што за првпат во етичките правила се регулира употребата на вештачката интелигенција во новинарството.
„Новинарите не се против технологијата, напротив вештачката интелигенција, сфаќаме дека е и ќе биде се поприсутна во редакциите…Меѓутоа ВИ никогаш нема да биде новинар, не може да биде на местото на настанот, не може да стекне доверба со соговорник, не може да постави вистински потпрашање, не може да почувствува кога една информација не е целосна или или кога нечиј човечки интегритет е загрозен“, објаснува Чадиковски.
Според членот 16, секоја новинарска содржина создадена со помош на вештачка интелигенција мора јасно да биде означена, а новинарот останува целосно одговорен за точноста на информациите. Кодексот забранува користење на ВИ за создавање лажни или манипулативни содржини и предвидува дека новинарски текст не смее да биде целосно генериран од вештачка интелигенција.
Кодексот воведува и обврска секоја измена на веќе објавена содржина да биде јасно означена, а исправките да бидат лесно видливи и директно поврзани со оригиналната информација, со цел читателите да знаат кога е нешто сменето во текстот и да знаат кому да веруваат. Истовремено, медиумите имаат обврска навремено да објавуваат деманти и исправки кога ќе се утврди дека се објавени неточни факти.

Дополнително се заоструваат правилата за судир на интереси. Новинарите не смеат да прифаќаат подароци, услуги, патувања, финансиски надоместоци или други поволности што би можеле да влијаат врз нивната независност или да создадат впечаток на пристрасност.
„Ако во стариот кодекс беше мито и корупција, денеска сме сосема свесни дека никој веќе не оди со плико со пари да купува или да тргува со влијание, туку тоа се случува со услуги, со патување и така натаму. И во тој дел имаме повисоко ниво на професионален стандард“, вели истражувачкиот новинар Васко Маглешов, кој беше дел од работната група која работеше на создавањето на новиот кодекс.
Во документот се потенцира и обврската за проверка на информациите од повеќе независни извори, а доколку информацијата се темели само на еден извор или не може да биде потврдена, тоа мора јасно да биде наведено.
„Вистината, проверката на фактите, независноста, јавниот интерес и одговорноста кон граѓаните пред сѐ остануваат темел на оваа професија, вели Чадиковски, додавајќи дека само пристапот се модернизира и покренува прагот на професионалноста.
Новиот Кодекс ја нагласува и разликата меѓу јавниот интерес и интересот на јавноста, потсетувајќи дека новинарите имаат обврска да објавуваат информации што им помагаат на граѓаните да формираат информирано мислење, а не содржини што единствено предизвикуваат љубопитност.
„Бидејќи ни во државата нема дефиниција што е јавен интерес, за некого јавен интерес е да речеме да се дадат детали од од нечија несреќа, или хаварија а се занемарува она што е вистински јавен интерес, а тоа е дека граѓаните имаат право да знаат каде дат и каде се трошат нивните пари“, додава Костиќ.
Во делот за известување за трагедии, несреќи и чувствителни теми, Кодексот бара известувањето да биде ослободено од сензационализам, со емпатија и почитување на достоинството на засегнатите лица. Посебни одредби се однесуваат и на заштитата на децата, ранливите категории граѓани и почитувањето на пресумпцијата на невиност при известување за кривични постапки.
Документот предвидува и јасно разграничување на новинарската од рекламната и спонзорираната содржина, како и обврска политичкото рекламирање секогаш да биде јасно означено.
На промоцијата се обрати и претседателот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, кој укажа на ризикот документот да остане само на хартија доколку не се воспостават силни механизми за спроведување.
Авторите на новиот Кодекс оценуваат дека неговата цел е да ги зајакне професионалните стандарди и довербата на јавноста во медиумите, во услови на брз технолошки развој и сè почести обиди за дезинформирање. По јавната дебата, се очекува документот да биде финализиран и усвоен како нов основен етички документ на новинарската професија во Македонија.


