„Клексан“ и уште два лека против згрутчување на крвта од 1 јули ќе одат на рецепт

Објавено:

Позитивната листа е проширена со три нови антикоагулантни лека – „еноксапарин“ (познат како „клексан“), „надропарин“ и „ривароксабан“, кои од 1 јули се достапни во аптеките во земјата. Кај „еноксапаринот“ се достапни два бренда, кај „надропаринот“ е достапен еден бренд и кај „ривароксабанот“ во почетниот период ќе биде достапен еден бренд. Тоа ќе значи заштеда на граѓаните и олеснет пристап , најави генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, на прес-конференција во Владата.

Два антикоагулантни прво беа достапни со рефундација, а од сега па натаму ќе бидат достапни на позитивната листа со рецепт.

  • „Двата антикоагуланти се во рангот од 1.100 до 2.700 денари, ценовен ранг во зависност од дозата и големината на терапијата. Сега ќе биде достапна за партиципација од 160 до 240 денари и еден од брендовите ќе биде достапен без доплата. Значи, едниот бренд ќе биде без доплата, вториот ќе биде со доплата, меѓутоа осигурениците имаат можност да изберат и има лек без доплата. Ова ќе значи дека овој лек ќе биде достапен за само за партиципација со 100 од 160 до 240 денари во зависност од дозата на лекот. Овде ќе има повеќе коментари за овие два лека бидејќи преминувањето рефундација во позитивна листа предизвикува неколку промени“, рече Клековски.

Третиот антикоагулант „ривароксабанот“, како што појасни, првпат е на позитивната листа и досега чинеше од 2.000 до 2.200 денари, а сега ќе биде достапен за партиципација од 160 денари.

  • Од 1 јануари 2027 година овој лек ќе биде достапен без доплата, само со партиципација.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на достапноста на лековите во аптеките, Клековски кажа дека им дале време на аптеките да се приспособат, сите аптеки и сите матични лекари се известени и треба да постапат во согласност со правилата. Граѓаните можат да пријават во Фондот, преку инфо-имејлот или формуларот за информации, доколку некоја аптека одбие да издаде лек на рецепт.

Поради инерција на аптеките во врска со издавањето на лековите на рецепт, за антикоагулантите ќе има период од 15 дена, од 1 до 15 јули, во кој ФЗОМ ќе признава рефундации.

Овие лекови уште лани беа најaвeни дека ќе бидат ставени на позитивнaта листа до 1 јануари 2026, постапката се одложи поради административни причини.

Од 16 септември 2024, граѓаните од аптеките бесплатно земаат уште девет лекови со кои беше проширена позитивната листа по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.

Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.