Од јули, на позитивната листа лекови ќе се најдат Клексанот и Фраксипаринот, најави денеска (25 јуни) првиот човек на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
„Значи, конечно ќе ги има во аптека Клексан и Фраксипарин, и плус уште еден. Се работи за лекови, антикоагуланси. Генерално, за неколку различни популации. Да кажеме од акутни случаи, постоперативно, за спречување на коагулации после тешки интервенции. На пример после замена на колк, се користат кај повозрасната популација со срцеви проблеми“, појасни директорот.
Досега, на пример, за клексанот пациентите прво го купуваа, а потоа бараа рефундација на дел од парите преку Фондот. Ставањето на позитивна листа на овие лекови ќе значи дека оваа процедура ќе стане минато и пациентите наместо со рефундација антикоагуланси ќе може да ги купуваат со рецепт од аптека.
Клексанот често се употребува од бремените жени, за што денеска на средба со новинарите коментираше и Клековски. Тој посочи дека ова е широка пракса во Македонија иако во индикациите за овој лек никаде не пишува дека бремените жени треба да го користат по дифолт. Туку, само оние со одредени индикации.
Директорот на ФЗО зборуваше и за целосната состојба со лековите. Како што сподели, вкупната проценета вредност на лековите кои се финансираат од Фондот или од државата генерално во 2025 година се проценува на 11 милијарди денари.
Интересен податок што го напомена Клековски врз база на анализи за периодот 2023-2025 година, е дека е намалена употребата на антибиотици.
„Имаме пораст од 34 проценти на употребата на лекови во однос на ’23 година, која се должи најчесто на воведувањето на нови, поскапи лекови. Односно, во позитивната А листа на воведување на 11 нови генерики, сите со повисоки цени од претходните просеци, и секако со огромниот раст од 80 отсто за условните буџети. Значи, растот од 34 проценти е генерално заради воведување на нови, поскапи лекови. Она што би го нагласил е дека имаме, првпат, намалување на употребата на антиинфективни лекови, вклучувајќи антибиотици, од 3 проценти, и тоа е единствената голема група на лекови каде што во ’25 имаме намалување и по број на издадени рецепти, и по износ“, рече Клековски.
Тој одговараше и на новинарски прашања за цената на лековитите, констатирајќи дека во Македонија се повисоки од земјите во регионот бидејќи станува збор за најмал пазар. И тоа, нагласи Клековски, не е случај само со лековите туку и во другите категории.
„Македонскиот е најмал пазар во регионот и кога сте мал пазар, секако се повисоки цените. Јас го имам кажано примерот со лек, кој е имунотерапија за онкологија. Ние купуваме 6.000 вијали, Бугарија купува 65.000 вијали. Нормално, цените во Бугарија се пониски отколку тие во Македонија. Зборувам за легитимни лекови и за легитимни извори. Морам да предупредам дека дел од продажбата од непотврдени извори, од земји кои немаат соодветни стандарди за работа со лекови, не би сакал да ги коментирам. Повеќепати имам кажано за тоа“, рече Клековски.
За цената на лековите истражуваше и новинарката на Колегиум.мк, Сунчица Стојановска Зоксимовска. Сторијата покажа дека „фармацевтскиот туризам“ на наши граѓани кои одат да пазарат во Косово и Србија е широко распространет. Најчесто од соседни земји се купуваат лекови што доктор ги препишува на рецепт, но пациентите треба да ги купат приватно. Институциите велат дека пазарните услови ја диктираат цената, пациенти – дека здравјето нема пазарна логика.
Сторијата со наслов „Македонци на фармацевтски туризам во Косово и во Србија за поевтини лекови“ беше објавена во Радио Слободна Европа, а пред десетина дена ја доби наградата „Гласник на невидливите“ што ја доделува Македонската платформа за борба против сиромаштија.


