Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се договорил со маркетите во земјава цените на производите да не поскапат повеќе од 3% во текот на јули.
Ова доаѓа по неодамнешната негова средба со менаџментот на маркетите, а по одговор на пратеничко прашање во Собранието за тоа што се договориле.
„Она што го заклучивме е дека ако не си поставиме цел, не може да дојдеме до таа цел. За месец јули си поставивме цел. Таа е стапката на пораст на цените да биде помала од 3% и на тој начин директно да влијаеме на стапката на инфлација, односно порастот на цените“, рече Мицкоски од Собранието на седницата на 25 јуни.
Тој рече дека ваков состанок ќе има и со производителите и дистрибутерите, а потоа сите заедно ќе седнат и ќе поразговараат отворено за предизвиците и како заеднички да ги надминат.
„Имаше различни дискусии, ценам дена не е дозволено ист производ во различни маркети да има по 30% разлика во цена“, рече премиерот.
Тој додаде дека маркетите на ваквите замерки, меѓу другото, објаснувале и дека дистрибутерите или производителите во одредена недела или половина од месецот имале специјална цена за одреден производ, а во друг период друга цена, па затоа и биле разликите во тоа колку чини еден производ во различни маркети.
Од друга страна, пак, дистрибутерите и производителите се жалеле дека маркетите ги заобиколувале одредбите од Законот за нефер трговски практики, па привилегираните положби на рафтовите маркетите ги наплаќаат индиректно…
Исто така, Мицкоски посочи и дека ако изговорот досега бил енергетската криза, тој повеќе не постои бидејќи цената на нафтата се стабилизирала на 72-73 денари по барел и има тенденција да паѓа. Сега, според него, цената ќе зависи од побарувачката на пазарот, а таа не се очекува да биде голема затоа што економскиот раст во светот не е голем.
Тој рече дека ќе треба да се направат и законски измени за одредби од два закона на кои реагирале засегнатите страни.
Премиерот очекува дека и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, ќе одржи сличен состанок со транспортерите и компаниите за цените на автобуските и авиобилетите.
Инаку, според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај 2026 година, во однос на април 2026, се покачила 0.6 %. Но, во споредба со пред една година е повисока. Имено, индексот на трошоците на животот во мај 2026, во однос на мај 2025, бележи зголемување од 4.8 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5.6 %.


