Цените на земјоделските производи пораснале за 6,7 отсто за една година

Објавено:

Цените на мало во мај 2026 година, во споредба со мај 2025 година, се зголемени за 5,6 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најголем годишен раст има кај земјоделските производи, кои во мај годинава биле поскапи за 6,7 отсто во споредба со истиот месец лани. Услугите бележат раст од 6 проценти, а стоките се зголемени за 5,4 отсто.

Кај прехранбените производи, кои се најдиректно поврзани со секојдневните трошоци на граѓаните, годишното поскапување изнесува 4,2 проценти. Индустриско-прехранбените производи се зголемени за 3,4 отсто, додека пијалаците, алкохолни и безалкохолни, бележат раст од 1,3 проценти.

Според податоците на ДЗС, индустриските производи во мај годинава се поскапи за 5,3 отсто во споредба со мај 2025 година. Кај непрехранбените индустриски производи и тутунот растот е повисок и изнесува 6,4 проценти.

Само во однос на април годинава, најголем скок има кај земјоделските производи, за 4,4 отсто. Прехранбените производи поскапеле за 1,3 проценти, услугите за 1,5 отсто, а стоките за 0,6 проценти.

Од почетокот на годината до мај, цените на мало се зголемени за 3,4 отсто во споредба со истиот период лани. Најголем раст во првите пет месеци има кај земјоделските производи од 5,3 проценти, кај прехранбените производи од 5,2 отсто и кај индустриско-прехранбените производи од 5,1 процент.

Иако главниот показател во оваа анализа се цените на мало, силен притисок врз животните трошоци покажува и транспортот.

Во мај 2026 година, транспортот е поскап за 11 отсто во споредба со мај минатата година, што е всушност еден од секторите со најизразен годишен раст. Овој раст директно влијае врз трошоците на домаќинствата, но и индиректно врз цените на другите производи поради поскапата дистрибуција.