Платите ја губат трката со цените

Објавено:

По неколку години ценовни шокови – од ковид-кризата до енергетската криза по војната во Украина – растот на цената на нафтата по тензиите на Блискиот Исток повторно се заканува со нов удар врз семејните буџети.

Нови поскапувања се очекуваат откако во цел овој период трошоците за живот растат побрзо од платите – синдикалната минимална кошница од 2021 до 2026 година пораснала за околу 94 проценти, додека просечната нето плата во истиот период се зголемила за околу 56 проценти.

Тоа значи дека цените пораснале за околу 38 процентни поени побрзо од платите, што доведува до пад на реалната куповна моќ на граѓаните од приближно една петтина.

Сега новото поскапување на нафтата може да предизвика дополнителен ценовен удар врз граѓаните, во услови кога трошоците за живот веќе растат. Само во последните три месеци тие се зголемиле за околу 2.500 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Трошоците за живот се зголемуваат со забрзано темпо за разлика од платите, односно платите ја губат трката и поради тоа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината протестираше заедно со работниците“, вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Вредноста на синдикалната минимална кошница во март достигна 67.818 денари, за разлика од декември 2021 кога изнесуваше 35.000, што е зголемување од речиси 94 проценти. Од друга страна просечната плата во исиот период се зголемиле за околу 56 проценти – од 29.943 на 46.617 денари.

infografika - ceni plata penzija kosnicka
Инфографика: Однос просечна плата – пензија – животни трошоци (2021 – 2026)

Во услови кога се најавуваат нови ценовни притисоци поради поскапувањето на енергенсите, економскиот аналитичар Абил Бауш вели дека сигурно ќе има некаво зголемување на платите на работниците, но според него тоа нема да биде како што бараат синдикатите. Дополнително, тој предупредува дека во ваква ситуација властите ќе мора многу внимателно да ја следат ситуацијата за да не дојде и до забавување на економската активност во земјата и губење на работни места.

„Во вакви кризни периоди реакцијата мора да биде многу внимателна, особено кога станува збор за човечкиот капитал. Дали и колку ќе растат платите ќе зависи од самиот пазар и од тоа дали економијата ќе создава нови можности. Зголемување на платите сигурно ќе има, но можеби нема да биде во обемот што го бараат синдикалните организации“, вели Бауш.

Минималната плата од март се зголеми за 1.667 денари и од 24.379 денари се покачи на 26.046 денари нето. Усогласувањето се врши според Законот за минимална плата, кој предвидува нејзината висина секоја година да се коригира врз основа на 50 проценти од растот на просечната нето-плата и 50 проценти од порастот на индексот на трошоците на живот.

Во споредба со декември 2021 година, кога минималната плата изнесуваше 15.149 денари, новото ниво од 26.046 денари претставува зголемување од 10.897 денари, односно раст од околу 72 проценти.

Најновите податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ПИОМ), пак, покажуваат дека просечната пензија во декември 2025 година изнесувала околу 27.167 денари (442 евра).

Со линеарното покачување од 1.000 денари од март, таа достигна околу 27.490 денари (или 447 евра).

За споредба, во декември 2021 година просечната пензија во земјата изнесувала приближно 15.627 денари, според податоците од Министерството за финансии за почетокот на 2021 година. Нејзиниот скок оттогаш досега е за 76 процети, што е значително, но во исто време е и под зголемувањето на трошоците за живот кои растат со поголемо темпо.