Голем пожар во приморскиот град Химара, евакуирани локални жители и туристи

Објавено:

Синоќа на југот од Албанија, над приморскиот град Химара, изби голем пожар кој брзо доби загрижувачки размери поради силните ветрови.

Пламените јазици целосно пеплосаа шест куќи, додека уште неколку беа опожарени, што наложи итна евакуација на локалните жители и туристи од зафатените подрачја. На терен веднаш беа упатени противпожарни единици од повеќе градови, 170 припадници на армијата и амбулантни возила за прва помош, а од утрово во гаснењето се вклучија и два армиски хеликоптера.

Состојбата на теренот ја следат и министрите за одбрана и внатрешни работи, Ермал Нуфи и Бесфорт Ламалари, заедно со директорот на полицијата, Скендер Хита. Според последните информации од надлежните, понатамошното ширење на пожарот е успешно спречено.

Истовремено, тешка ноќ беше забележана и во округот Фиер. Поради високите температури и силниот ветер, друг пожар брзо се прошири од Вадиза кон Леван и областа Мало Пештани.

Последни објави