Пожарот кај Грачани сè уште активен, 27 изгаснати, три се под контрола

Објавено:

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани изутринава до 7.30 часот, од кои еден е активен, три пожари се под контрола, а 27 пожари се изгаснати – соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Гори во општина Ѓорче Петров, во с. Грачани, при што пожарот во моментот е активен на територијата на Косово.

„Пожарот не загрозува населени места, горат пред сè трева, грмушки и ниски смреки кои создаваат силен пламен и уште посилен чад. На некои места пожарот се движи ниско по земја низ мешовита шума“, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во средата покрај скопските пожарникари во гаснењето учествуваа и два ер-трактори на ДЗС, а вчера еден македонски полициски хеликоптер им помогна на косовските противпожарни служби гаснејќи од косовска страна каде што пожарот беше поинтезивен. Скопските пожарникари гаснеа од македонска страна.

„Утрово продолжуваат со гаснење со засилен број на пожарникари, а воздушна поддршка ќе им дадат два ер-трактори на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер“, рече Ангелов.

Пожари под контрола има во општина Сарај, а изгаснати се 27 пожари во неколку општини низ државата.

Македонија во 2025 година претрпела штета од околу 50,1 милион евра од шумските пожари, покажуваат податоците од Извештајот за работењето на ЈП „Национални шуми“ за ланската година. Според документот, во текот на годината биле евидентирани 178 шумски пожари, при што биле опожарени 17.631,71 хектари шума и шумско земјиште и изгореле 282.931 кубни метри дрвна маса.

Последни објави