Мирисот на чад што се чувствува во некои делови од Скопје, доаѓа од пожарот на планината Жеден, во атарот на селото Бојане, пожар што од тетовска страна сега полека се префрла кон скопската страна.
„Пожарот е на тешко пристапен терен“, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов преку видео-порака.
Тој додаде дека како поддршка на скопските пожарникари, во гаснење на пожарот се вклучени и колеги од Тетово.
„Очекувам во попладневните часови да биде воспоставена контрола врз овој пожар, тежок за гасење“, додаде Ангелов во изјавата.
Од ЦУК претходно информираа дека зачаденоста која попладнево се чувствува во Скопје била од ветерот што го носи чадот од пожарот што гори на Китка во општините Студеничани и Зелениково, а на кој денеска дејствувал хеликоптер на МВР.
Поради високите температури, постои висок ризик од појава и ширење пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет на целата територија на Република Северна Македонија.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа и да не се користи оган на отворен простор.
Доколку се забележи пожар, веднаш да се пријави на бројот 112.


