Празниците да останат, работникот да се плаќа по одработен час, предлага Сојузот на стопански комори

Објавено:

За разлика од Стопанската комора која бара намалување на бројот на празници што важат за неработни денови, Сојузот на стопански комори има поинаква идеја. Според претседателот на овој Сојуз, Горан Ѓорѓиевски, смета дека треба да се отвори дебата за тоа работниците да се плаќаат по одработен час како што е пракса во дел од пазарните економии низ светот.

Според него, фокусот треба да се стави врз зголемување на продуктивноста и ова е еден од моделите што треба да се разгледува.

„Ваков модел ќе ги фаворизира работливите и продуктивните работници, бидејќи ќе им овозможи да заработуваат повеќе, а истовремено ќе донесе и поголема флексибилност на пазарот на труд“, вели Ѓорѓиевски.

Во однос на флексибилноста тој нагласува дека таа е значајна за родители, пред сè за мајките, кои би можеле да ги усогласат своите работни и семејни обврски.

Стопанската комора, пак, на почетокот на октомври излезе со предлог да се намали бројот на неработни денови односно секој работник во Македонија да има максимум 13 празници што нема да ги работи во текот на годината. Тоа во пракса би значело, покрај 11 неработни денови што важат за сите граѓани, од верските што се неработни за одредена верска група работникот да избере два. Исто така, Стопанската комора предложи и празниците што се паѓаат во недела, да не се префрлаат како неработни во понеделник.

Жестока реакција на ваквите предлози имаше Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) од каде рекоа дека „не ги изненадува фактот што газдите мислат како да скратат од работниците“.

„Размислувањето на работодавачите да скратат нешто што не плаќаат, а денес работата на празник е 250% дневница, и тие да сакаат да скратат само за да не ги платат, не само што сметаме дека е несериозно, туку и крајно навредливи за работниците. Тие одбија да ја зголемат минималната плата, одбија да ги зголемат сите останати плати и сега и она мало достоинство што им е останато на работниците што нужно мора да работат на празници, да сакаат да им го одземете и тоа, е несериозно“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Според првичните реакции, барањето на стопанствениците не наиде на одобрување кај власта. Премиерот Христијан Мицкоски излезе со коментар дека „стекнатите права треба да се почитуваат“, а со иста порака потоа настапи и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.