Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата се случија денеска (20 октомври), осмиот ден по ред од антивладините протести во Тирана, Албанија.
По неколкучасовен протест без инциденти, вечерва ситуацијата повторно ескалираше, па демонстрантите фрлаа молотови коктели кон владината зграда и полицијата, на што безбедносните служби одговорија со употреба на водени топови и солзавец за да ја растераат толпата.
На ова му претходеше повик од полицијата кон демонстрантите да ја напуштат безбедносната зона околу владината зградата.
Студентите и останатите граѓани кои учествуваат во протестите бараат оставка од премиерот Еди Рама и неговата влада. Тој одби да поднесе оставка, но ги повика студентите – оние кои не учествуваа во насилствата – на дијалог.
Во знак на повикот за дијалог, албанскиот премиер денеска постави неколку столчиња пред владината зграда каде се наоѓа неговиот кабинет. На нив, на лист хартија пишуваше дијалог.
Сепак, неколку часа подоцна, демонстрантите ги превртеа столчињата.
Пред да се случи судирот меѓу демонстрантите и полицијата, протестот во текот на денот беше и на локација пред Министерството за образование. И таму се фрлаа камења, а полицијата користеше водени топови и солзавец.
Студентите добија поддршка и од дел од професорите на факултетите во Тирана.
Премиерот Рама покрај повикот за дијалог, предупреди и на кривични и административни мерки против лица кои предизвикаа штета за време на протестите, а рече и дека владата размислува за ограничување на пристапот до социјалните медиуми за лица под 16 години.
Илјадници луѓе во Албанија протестираат секојдневно од 13 октомври – прво во Тирана, а потоа и во други градови. Демонстрациите се поттикнати од незадоволството на студентите од трошоците за образование, условите на универзитетите и недостатокот на економски перспективи.
Протестите брзо се проширија, привлекувајќи граѓани кои се противат на високите трошоци за живот, корупцијата и сегашниот начин на владеење.
Европската Унија и Амбасадата на САД во Тирана повикаа на воздржаност, почитување на правото на мирен протест, како и на пропорционална употреба на сила од страна на надлежните органи.


