Вучиќ ќе се кандидира за премиер на Србија

Објавено:

Главниот одбор на српската владејачка партија СНС на денешната седница во Ниш едногласно одлучи на претстојните парламентарни избори да настапи со листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“,при што досегашниот претседател Александар Вучиќ ќе биде носител и прв на листата.

Дополнително, СНС го предложи Вучиќ за свој кандидат за претседател на Владата на Србија. Одлуката ја соопшти претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, кој истакна дека партијата на изборите ќе настапи со Вучиќ како централна фигура на изборната листа.

Власта во Србија, предводена од Вучиќ беше под притисок да излезе на избори откако изминатиот период, под водство на студентите се одржаа низа масовни антивладини протести. Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица. Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.

Претседателката на Собранието на Србија и членка на раководството на СНС, Ана Брнабиќ, оцени дека претстојните избори ќе бидат исклучително тешки и одлучувачки за иднината на земјата. Таа порача дека СНС ќе се спротивстави на, како што ги нарече, „анонимните пленуми и собири“, како и на луѓето кои, според неа, стојат зад нив и биле финансирани или организирани од странство.

Брнабиќ ја пофали досегашната политика на Вучиќ, наведувајќи дека за време на неговото раководење значително се зголемиле пензиите и просечните плати, а во земјата биле изградени патишта и железници, отворени нови работни места и намалена невработеноста. Таа истакна и дека во изминатите години биле инвестирани средства во болници, клинички центри, училишта и научно-технолошки паркови, додека српската армија, според неа, била зајакната.

„Александар Вучиќ е персонификација на слободна, силна, суверена и победничка Србија“, порача Брнабиќ, додавајќи дека, според неа, политичката цел на неговите противници е негово соборување.

Во својот говор Брнабиќ се осврна и на протестите и блокадите во Србија. Таа ги обвини противниците на власта за серија инциденти и насилство, посочувајќи ги Ниш, Нови Сад, Ваљево, Врњачка Бања и други градови. Според неа, протестите не се организирани од студентите, туку од политички структури и луѓе кои, како што тврди, стојат зад студентските пленуми и собири.

„Не се бориме против студентите“, порача Брнабиќ, додавајќи дека СНС на својата изборна листа ќе има, како што рече, повеќе студенти отколку таканаречената „студентска листа“.

Нејзините изјави доаѓаат во време на зголемени политички тензии во Србија. Студенти во блокада претходно повикаа на протест во Ниш по повод доаѓањето на Вучиќ и седницата на Главниот одбор на СНС. Само еден ден пред седницата, Вучиќ изјави дека изборите ќе ги распише за неколку дена, најдоцна на 9 или 10 септември.

Како можни датуми за одржување на парламентарните избори претходно беа споменувани 18 и 25 октомври.

Со денешната одлука на Главниот одбор, СНС практично го потврди изборниот настап со Вучиќ како носител на листата и кандидат за премиер, доколку партијата ја добие довербата на граѓаните.

Во меѓувреме во САД републикански и демократски членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес поднесоа предлог-закон со кој од САД се бараат мерки против Србија поради „сериозно назадување“ во демократијата и владеењето на правото во земјата, како и поради соработката со Русија, Кина и Иран.

Предлогот е поднесен од републиканецот Џо Вилсон (Joe Wilson) и демократот Бил Китинг (Bill Keating),членови на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом. Тие во четвртокот претставија закон кој повикува на санкции и забрани за визи за поединци кои ги подриваат демократските процеси, мирот, стабилноста и територијалниот интегритет во Западниот Балкан, пишува американскиот медиум Хилл ( The Hiil)

Овој двопартиски притисок врз Вучиќ е во остар контраст со генерално топлите односи што долгогодишниот српски лидер ги имаше со претседателот Доналд Трамп, се објаснува во текстот на Хилл. Трамп ги смета своите напори од 2020 година за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за еден од главните мировни успеси додека беше на функција. А Вучиќ, во мајски разговор за Breitbart News, му испрати јавен апел на Трамп изјавувајќи дека Србите во огромно мнозинство го поддржуваат американскиот претседател.

Последни објави