ЦУП: Наплаќањето за Службениот весник е системска аномалија што мора итно да се отстрани

Објавено:

Слободниот и бесплатен пристап до законите и прописите е уставно право на сите граѓани и основен услов за владеење на правото, затоа е потребно граѓаните да имаат бесплатен пристап до Службен весник, каде што се објавуваат сите измени на законите, одлуки на Владата и Собранието како и прописите кои влијаат врз општественото живеење, сметаат од Центарот за за управување со промени (ЦУП). Според нив, сегашната состојба во која пристапот до тековните прописи се наплаќа е системска аномалија што мора итно да се отстрани.

„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правната и политичката култура во државата. Оттука, Собранието и Владата имаат обврска да ја отстранат оваа системска аномалија и да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството на државата“, пишува во анализата на ЦУП.

За да се постигне ова, ЦУП предлага во предлог-законот за измена на Законот за објавување на општите правни прописи, кој веќе се наоѓа на ЕНЕР, експлицитно да се внесе одредба со која ќе се дефинира дека пристапот до сите прописи и јавни огласи мора да биде без паричен надоместок.

Кога веќе процесот за измена на Законот е отпочнат, многу посуштинска измена ќе биде доколку се пропише дека ‘пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни’. Понатаму, ќе остане на ЈП ‘Службен весник’ да ја операционализира ваквата одредба“, велат од ЦУП.

Загриженоста за финансиската одржливост на ЈП „Службен весник“ ја поткрепуваат со анализа која покажува дека расходите на претпријатието во периодот од 2022 до 2025 година пораснале за 22 проценти, додека приходите се зголемиле за само 10 проценти. Како главно решение за да не дојде до финансиска загуба, ЦУП го предлага укинувањето на редовното печатено издание, кое во иднина би се издавало само по поединечна нарачка, со што целиот систем целосно би се префрлил на електронско издание.

Дополнително, податоците покажуваат дека во 2025 година дури 58 отсто од сите претплатници биле самите јавни и државни институции. Доколку овие институции продолжат да плаќаат за своите потреби, „Службен весник“ би останал профитабилен барем до 2030 година.

Со овој чекор Македонија би се изедначила со земјите од регионот и Европската Унија, како Хрватска, Словенија, Германија и Франција, кои одамна овозможуваат бесплатен електронски пристап до нивните официјални гласила. Ваквата промена би ја заменила актуелната пракса во која тековните изданија се достапни само со претплата од 7 000 денари за електронско и 16 650 денари за печатено издание.

Минатогодишните изданијата на Службениот весник се бесплатно достапни на неговата интернет-страница, но за изданијата за тековната година потребно е да се плати месечна или годишна претплата. За печатено издание годишната претплата изнесува 16 650 денари, а месечната рата изнесува 1 650 денари. За електронско издание годишната претплата изнесува 7 000 денари по корисник.

Последни објави