Законот за „Скопје- Европска престолнина 2028“ (без тендери) оди на јавна расправа

Објавено:

За да не се остави каков било сомнеж околу транспарентност на овој процес, законот за Скопје „Европска престолнина на културата за 2028 година“ ќе оди на јавна расправа, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Ваквата изјава доаѓа откако предлог законот на 29 јули беше тргнат од дневен ред на пленарна седница во Собранието поради жестока критика од јавноста и опозицијата. Мицкоски изјави дека на негово инсистирање бил повлечен законот од Парламентот затоа што не сакал како што вели „јавноста да биде жртва на дезинформации“.

​„Јас ја разбирам реакцијата во јавноста поради тоа што има жесток обид за нејзина дезинформација. ​Прво, станува збор за фондација Скопје – Европска престолнина на културата, и тоа е проект што е започнат уште пред 10 години. ​За жал, досега ништо не е направено“, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.

Тој објасни дека Владата се соочила со предизвик од кој прв е законот кој како што вели не е поразличен од тој во Хелсинки. Мицкоски вели дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследи. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор.

Што е спорно во предлог-законот?

Скопје со титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, што ја доделува Европската Комисија, се здоби во 2023-та и во пракса таа ќе треба да донесе секојдневна и богата културна програма во главниот град во 2028 година.

Предлог-законот што специјално се предвидува за овој проект предвидува тој да се спроведува преку посебна Фондација што ќе го носи истото име, а ќе ја основа Градот Скопје. Фондацијата, како што е познато е веќе основана, а за директор градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го назначи долгогодишниот поранешен директор на МРТВ, Марјан Цветковски.

За опозицијата е спорно токму името на директорот, за кој како што велат Цветковски раководеше со Македонската радио-телевизија, наведувајќи дека во 2019 година против него била поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Дополнително потсетуваат дека и дека ревизорските извештаи во тој период укажувале на финансиски проблеми и висока задолженост на јавниот сервис.

Но, она што е спорно во предлог-законот, и што предизвика реакции, е членот 21 којшто предвидува набавките да се прават без тендер однос за нив да не важат одредбите од Законот за јавните набавки.

Според предложеното, без да важат одредбите од Законот за јавни набавки ќе се изнајмуваат постоечки згради или друг недвижен имот и права, услуги за купување, развој, продукција или копродукција на материјали за аудиовизуелни и радиски услуги, како и за уметнички програми и проекти, закуп на простор во телевизиите, радијата, весниците и порталите, како и договорите за вработување и ангажирање на лица со авторски и со договори на дело.

Според премиерот во законот нема ништо спорно, и жали што поради досегашните околности Владата ќе задоцни со подготовките кои треба градот да ги испорача.

„За жал, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, тоа е да остане каков било сомнеж во кој било процес. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од Парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата. За жал, малку ќе задоцниме со некои од подготовките како Влада, бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната Влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто се ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028“, рече Мицкоски.

Предлог-законот кој беше повлечен од Собрание отвори сериозни сомнежи околу контролата врз трошењето на јавните пари. Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата предупредуваат дека со изземањето од Законот за јавни набавки не се опфаќаат само специфични авторски или уметнички услуги, туку и стандардни стоки, услуги, опрема и градежни работи за кои постои конкуренција на пазарот.

Граѓанските организации предупредуваат дека ваквиот модел може да стане опасен преседан – еднаш воспоставениот механизам за трошење без редовни тендерски процедури би можел да се повторува и за други „приоритетни“ проекти. Дополнителен проблем е што градоначалникот на Скопје добива широка дискреција да ги именува и разрешува управните тела на Фондацијата, без јасни критериуми и процедура за избор. Иако се предвидува електронски регистар на набавките, значаен дел од средствата за проектот ќе доаѓаат од државниот буџет, Град Скопје и општините – односно од јавни пари што би можеле да се трошат надвор од стандардните правила за јавни набавки.