Шпанскиот Сенат, контролиран од опозициската десница, го отфрли договорот за пријателство меѓу Шпанија и Франција, во време кога францускиот претседател Емануел Макрон беше во посета на Мадрид.
Сто четириесет и двајца сенатори од десничарската Народна партија и од ултрадесничарската партија „Вокс“ гласаа против ратификацијата на договорот, додека 106 сенатори, главно претставници на Шпанската социјалистичка работничка партија на премиерот Педро Санчез, ја поддржаа ратификацијата.
Гласањето во Сенатот се одржа во исто време со свечената вечера што ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летиција во чест на Макрон.
Договорот беше потпишан во Барселона во јануари 2023 година од страна на Макрон и Санчез. Подоцна, тој беше ратификуван од Долниот дом на шпанскиот парламент и од двата дома на францускиот парламент.
Шпанската Народна партија се противи на одредбата во договорот со која се бара член на владата од едната земја да биде поканет на седница на владата на другата земја најмалку еднаш на секои три месеци.
Франција има слични договори за пријателство со Германија, Италија и Полска.
Шпанија има слични договори само со Португалија и Мароко.


