Шпанија распоредува војска откако илјадници луѓе ја преминаа границата со Мароко и најмалку 9 загинаа

Објавено:

Шпанија ќе ја распореди својата војска за да воспостави ред на границата со Мароко во Сеута, откако илјадници мигранти се упатија кон малата шпанска територија, при што најмалку деветмина загинаа во обидот, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Објавата дојде откако локалните власти во Сеута побараа од централната влада во Мадрид засилување за справување со граничната криза што прерасна во четврток со големи толпи луѓе што ја пробија граничната ограда.

Шпанската влада соопшти дека ќе ги испрати вооружените сили да ѝ помогнат на Цивилната гарда „да ја одржи безбедноста во градот Сеута“. Исто така, објави дека шпанскиот премиер Педро Санчез ќе му се придружи на министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка во посета на Сеута во петок.

„Ситуацијата е апсолутен хаос“, изјави за Асошиејтед прес Рашид Сбихи, раководител на здружението што ги претставува офицерите на шпанската Цивилна гарда кои ја контролираат границата во Сеута.

„Не е можно да се дадат прецизни бројки, но има илјадници мигранти што ја преминуваат“, рече тој, додавајќи дека границата „целосно се распаднала“.

Ашраф Маимуни, член на Мароканското здружение за човекови права во северно Мароко, ја опиша ситуацијата како „исклучителна“.

„Границата со Тарахал беше отворена под необични околности утрово и луѓето ја преминаа“, рече тој.

Делегацијата на шпанската влада во Сеута соопшти дека најмалку девет лица загинале во четврток за време на хаосот. Не даде детали за околностите на смртните случаи, но можеше да се видат тела како пловат во водата. Десетици загинаа оваа година обидувајќи се да стигнат до Сеута, според локалните власти.

Пристигнувањата се зголемуваа, но причините сè уште се нејасни. Ескалацијата на границата меѓу Шпанија и Мароко доаѓа по порастот на мигрантите кои се обидуваат да стигнат до малата енклава, главно со пливање, во среда. Мароканските власти не коментираа јавно за премините, а Министерството за внатрешни работи на Мароко не одговори на барањата за коментар на Асошитет прес.