На предлог на пратениците од власта, на дневен ред во Собранието денеска (29 јули) е по скратена постапка да се донесе посебен закон за спроведувањето на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“.
Со оваа титула, што ја доделува Европската Комисија, градот се здоби во 2023-та и во пракса таа ќе треба да донесе секојдневна и богата културна програма во главниот град во 2028 година.
Предлог-законот што специјално се предвидува за овој проект предвидува тој да се спроведува преку посебна Фондација што ќе го носи истото име, а ќе ја основа Градот Скопје. Фондацијата, како што е познато е веќе основана, а за директор градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го назначи долгогодишниот поранешен директор на МРТВ, Марјан Цветковски.
Но, она што е спорно во предлог-законот, и што предизвика реакции, е членот 21 којшто предвидува набавките да се прават без тендер однос за нив да не важат одредбите од Законот за јавните набавки.

Понатаму, предлог-законот дообјаснува оти набавките за потребите на проектот ќе се спроведуваат со приоритет во сите фази на планирање, подготовка, спроведување, евалуација, одлучување и реализација на договорите.
„Набавки со проценета вредност помала од 3.000.000,00 денари (без вклучен ДДВ) за стоки и услуги и помала од 6.000.000,00 денари (без вклучен ДДВ) за работи се спроведуваат согласно членот 21 став (2) од овој закон“, пишува во ставот 2 од членот 22 на предлог-законот.
Според предложеното, без да важат одредбите од Законот за јавни набавки ќе се изнајмуваат постоечки згради или друг недвижен имот и права, услуги за купување, развој, продукција или копродукција на материјали за аудиовизуелни и радиски услуги, како и за уметнички програми и проекти, закуп на простор во телевизиите, радијата, весниците и порталите, како и договорите за вработување и ангажирање на лица со авторски и со договори на дело.

Ваквите одредби се една од главните причини и за реакциите во јавноста, меѓу кои и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), како и од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Антикорупционерите порачаа дека секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавни набавки, мора да биде јасно и детално образложени и да содржи ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства.
Начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефикасна контрола не смеат да бидат доведени во прашање, порачува ДКСК.
Платформата, во која членуваат 20-тина организации, бара предлог-законот итно да се повлече од собраниска процедура, за него да има јавни консултации, а со мислење да се јави и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Според граѓанскиот сектор, загрижувачки е што не се прави исклучок само за уникатни авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучуваат правилата за јавни набавки вклучително и за стандардни стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои на пазарот реално постои конкуренција.
„Платформата предупредува дека усвојувањето на ваков закон создава преседан. Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен“, реагираат од Платформата.
Дополнително, според организациите, загрижувачки е и тоа што градоначалникот на Град Скопје, а не Советот, е тој што ги именува и разрешува членовите на управните тела на Фондацијата што ќе го спроведува проектот.
„Покрај широката дискреција што му е доделена на градоначалникот во процесот на именување и разрешување, за овие функции како и за функцијата директор, не се предвидени никакви минимални критериуми и стандарди што кандидатите треба да ги исполнуваат, ниту е пропишана ниту постапка за спроведување на изборот. Вака поставениот предлог закон не создава услови со кои се гарантира избор на стручни и професионални кадри што ќе управуваат со Фондацијата“, пишува во реакцијата на Платформата.
Законот предвидува и дека Одборот на Фондацијата е тој што ќе го усвојува планот за набавки, дека ќе формира комисии коишто ќе ги спроведуваат набавките итн.
Во однос на транспарентноста, според предлог-законот се предвидува да се води електронски регистар на набавки во кој ќе се објавуваат планот, одлуките, документациите, склучените договори, податоците за реализација итн.
Најголем дел од парите за спроведување на проектот, односно што ќе се трошат за набавки без тендери, ќе се обезбедат од државниот буџет, како и од буџетите на Град Скопје и општините, а дел и од европски фондови, донации и спонзорства од дома и странство.
Остри реакции од опозицијата
Трошењето на државните пари преку одребите од овој закон предизвикаа реакција и кај опозициските партии.
„Криминалната организација ВМРО повторно се обидува да протне закон со кој ќе ги заобиколи правилата за јавни набавки и ќе отвори простор за нови милионски тендери без контрола. Со овој закон се создава опасен преседан чија цел е пумпање на парите на граѓаните и богатење на поединци“, реагираше СДСМ.
Претходно, се огласија и од Левица порачувајќи дека со законот се создава систем во кој институцијата, во случајот Фондацијата, во голема мера сама ќе ги определува правилата според кои ќе ги троши парите.
„Дополнителна контроверзија е што, иако законот за основање на Фондацијата сè уште не е донесен, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеоргиевски веќе го именуваше за директор ексдиректорот на МРТ, Марјан Цветковски. Од друга страна, пак, предлог – законот вели дека директор на Фондацијата го именува и разрешува Одборот на Фондацијата. Ако Фондацијата допрва треба да биде основана со закон, нема ниту Управен ниту Надзорен одбор, кој според предлог – законот ги именува градоначалникот, се поставува легитимно прашање врз која правна основа градоначалникот Ѓорѓиевски именуваше директор на непостоечка фондација“, наведе Левица додавајќи дека спорно е и што за сето ова се одземени ингеренциите и на Советот на Град Скопје.
Титулата Европска престолнина на културата ја доделува експертска комисија од Европската комисија.
Одлуката во 2028 еден од градовите што ќе ја носат оваа титула да биде и Скопје, во чија конкуренција беше и Будва, беше донесена во септември 2023.
Иницијативата за ова датира од времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кој беше на чело на Градот Скопје од 2009 до 2017. Кандидатурата беше поднесена во мандатот на Петре Шилегов (2017-2021), а номинацијата во Брисел ја бранеше тимот на ексградоначалничката Данела Арсовска.



