Струја, вода и транспарентност: Неодговорените прашања за дата – центрите

Објавено:

Колку електрична струја ќе трошат и од каде таа ќе доаѓа? Дали нашата мрежа може да го издржи тој товар? Каков систем за ладење ќе користат и колку вода ќе биде потребно? Дигиталните фабрики на 21 век, како што уште ги нарекуваат дата-центрите, сѐ уште отвораат дилеми околу оправданоста од нивна изградба во државата.

Владата јасно кажа дека нема намера да се повлече од планот за изградба на таква инфраструктура, а премиерот Христијан Мицкоски тврди дека вештачката интелигенција, новите технологии и искористувањето на природните ресурси се дел од иднината на македонската економија.

Опозицијата пак, обвинува дека Владата нетранспарентно ги води процесите поврзани со изградбата на овие центри. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз(СДСМ) предупредуваат на можни последици врз водните и енергетските ресурси, како и врз други индустриски капацитети. Тврдат дека за еден од проектите е обезбеден пристап до 100 мегавати електрична енергија и до вода од Вардар. Неколку пати побараа Владата да ги објави инвеститорите, договорите, локациите и проценките за влијанието врз животната средина.

Власта ги демантира ваквите обвинувањата на опозицијата, а негира и дека ќе се сечат шуми за изградба на националниот податочен центар. Велат дека потенцијалната локација е на неискористено државно земјиште во близина на технолошко-индустриската зона кај Скопје.

Транспарентноста клучна за изградба на дата-центрите

Но, дата-центрите не треба да ги гледаме ниту со наивен ентузијазам, ниту со паника, туку со стратегија, вели за Колегиум.мк, професорот Анис Сефиданис од Факултетот за машинска интелигенција и роботика при Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” од Охрид.

„Како што во минатиот век државите се развиваа преку патишта, железници, електрани и индустриски капацитети, денес развојот сè повеќе зависи од податоци, компјутерска моќ, вештачка интелигенција и сајбер-безбедност. Дата центарот не е обична зграда со сервери. Тоа е инфраструктура која работи 24 часа на ден, 365 дена во годината. Серверите создаваат огромна топлина, па затоа ладењето е една од клучните точки. Ако системот е стар, неефикасен или лошо испланиран, тогаш расте и потрошувачката на струја, и притисокот врз водните ресурси и еколошкиот ризик“, објаснува проф. Сефиданис.

Anis_Sefidanis-foto privatna arhiva
Анис Сефиданис (Фото: Приватна архива)

Изградбата на дата-центри ги вознемири и екологистите. Од невладината „Еко-свест“ посочија дека пред реализација на вакви инвестиции треба прецизно да се утврди колку ресурси ќе трошат објектите и какво ќе биде нивното влијание врз животната средина.

Професорот Сефиданис вели дека нивната загриженост е оправдана само ако отсуствува транспарентност. Јавноста вели тој, има право да знае колку струја ќе се троши, колку вода ќе се користи, дали ќе има обновлива енергија, дали ќе се рециклира топлината и дали проектот ќе има реална корист за државата.

„Технологијата не смее да биде изговор за неодговорност. Но, исто така, не треба да создаваме страв дека секој дата центар е еколошка закана. Современите дата-центри можат да бидат многу поефикасни од порано. Со добра архитектура, обновлива енергија, напредно ладење и паметно управување, тие можат да бидат дел од зелената дигитална трансформација. Клучното прашање е: дали ќе се градат според највисоки стандарди или само како брза инвестиција?“, прашува професорот Сефиданис.

За министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, пак, суштината не е само колку сервери ќе донесе или колку мегавати ќе користи некој дата центар, туку колку капитал, работни места, знаење и економска активност ќе останат во Македонија. Во однос на забелешките поврзани со потрошувачката на енергија и вода, Андоновски тврди дека нема да се пренасочува струјата наменета за домаќинствата кон приватните дата-центри.

„Приватните инвеститори мора да ги обезбедат своите енергетски потреби преку соодветни договори, приклучоци и законски постапки, а цената на струјата е пазарна и никој нема да ја субвенционира. Не зборуваме за тоа некој да добие привилегирано право врз електричната енергија што им е потребна на домаќинствата. Принципот е големите приватни инвестиции да не создаваат неоправдан дополнителен товар за граѓаните“, рече неодамна Андоновски во одговор на пратеничко прашање.

Додаде дека националниот податочен центар, е планиран како инфраструктура за државните информатички системи и оти ќе биде со инсталирана моќност под еден мегават. За проектот веќе е изработена студија за изводливост, утврдена е потенцијална локација и се работи на финансискиот модел. Дваесет милиони евра се обезбедени од Планот за раст на ЕУ, од кои 30 проценти се грант-средства.  

Андоновски исто така ги демантираше обвинувањата на опозицијата дека е одобрен проект со кој се доделени 100 мегавати електрична енергија или право на користење вода од Вардар за приватен центар за податоци. Негира и дека ќе се сечат шуми за изградба на националниот податочен центар бидејќи, како што рече, потенцијалната локација е на неискористено државно земјиште во близина на технолошко-индустриската зона кај Скопје.

Што се дата-центри?

Секојпат кога праќаме порака, гледаме видео, користиме Google или ChatGPT, некаде зад нас работат илјадници сервери. Tие сервери мора да бидат сместени, напојувани, ладени и заштитени. А местото за тоа се токму дата-центрите.

Во дата-центрите физички се чуваат и обработуваат огромни количества податоци. Овие објекти имаат потреба од многу сигурно снабдување со електрична енергија. Кај големите центри, токму струјата и ладењето се меѓу најголемите трошоци.

Според Меѓународната агенција за енергија, дата центрите во 2024 година трошеле околу 1,5 проценти од светската електрична енергија, а нивната потрошувачка расте многу побрзо од вкупната потрошувачка на струја. 

Некои системи за ладење користат вода, и затоа локацијата и технологијата на ладење се исклучително важни. Но, тука треба да се внимава и да се истакне дека не секој дата центар троши исто количество вода, а не секој користи вода од река.

Дата-центар сам по себе не значи загадување или опасност. Но, голем дата-центар е сериозна инфраструктура и неговите влијанија зависат од конкретниот проект.

Голема шанса за државата, но само како дел од поширока стратегија

Од технолошки аспект, дата-центрите се неопходни ако сакаме сериозно да зборуваме за вештачка интелигенција, облачни сервиси, дигитална администрација, научни истражувања, кибер-безбедност и модерна економија, посочува стручната фела.

„Не може држава да зборува за дигитализација, а да нема контрола врз својата дигитална инфраструктура“, вели професорот Сефидарис.

Надлежните уверуваат дека целта на приватни дата-центри е привлекување странски капитал, изградба на инфраструктура и отворање високоплатени работни места. Иако е согласен со економскиот аспект кој би понудил нови инвестиции, технологии и развој на ИТ-секторот, професорот Сефидарис сепак потенцира дека дата-центарот сам по себе не може да отвори илјадници работни места.

Вистинската вредност, посочува тој, е ако околу него се развијат домашни компании, инженери, истражувачки центри, универзитетски програми и услуги поврзани со вештачка интелигенција и сајбер-безбедност.

„Најголемиот ризик е Македонија да стане само локација каде што некој ќе користи струја, вода и простор, а знаењето, профитот и контролата ќе останат надвор од државата. Тоа не смее да биде нашата улога. Затоа, ако влегуваме во оваа трка, мора да влеземе паметно“, заклучува професорот Сефидарис.

Негов став е дека дата-центрите се голема шанса за нашата држава, но само ако се дел од поширока стратегија. Не како изолиран градежен проект, туку како дел од национална визија за вештачка интелигенција, образование, наука, енергетика и дигитален суверенитет.