Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за енергетската криза.
„Ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголемиот дел од земјите во Европа коишто планираат да ја зголемат цената на електричната енергија, додаде тој.
Премерот вели дека акулумациите на Македонија во моментов, кога е крај на сезоната за наводнување. се околу 70% и дека има речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија што, уверува тој, е „сосема доволно за да се чувствуваме безбедни и да немаме предизвик во делот со снабдувањето со електрична енергија“.
Премиерот вели дека притисок врз цената на струјата прави и тоа што се случува со Дунав, втората најголема река во Европа која во одредени делови е на најниско ниво во последните 100 години. Намалувањето на нивото предизвика исклучување на нуклеарни централи, но Мицкоски уверува дека Македонија има стратегија.
„Гледате што се случува со нуклеарните централи во Романија, во Чешка, во Унгарија, во хидропотенцијалот на Србија, Бугарија сè уште колку-толку ја користи, но прашање на ден е кога сето тоа ќе се исклучи. И тоа врши притисок врз цената на електричната енергија. Бидејќи вие со обновливи извори можете да произведувате енергија, но не може таа да биде базна, па дури и да имате батерии инсталирано. Вам ви треба базна енергија. Базна енергија во најголема мера произведуваат нуклеарните централи коишто во овој момент се исклучија и цените на берзите се огромни. Акумулациите се речиси празни. Но, ние како земја успеавме да направиме стратегија и механизам тоа да не се случи“, рече Мицкоски.
Додека власта излегува со изјави дека ситуацијата во енергетскиот сектор е стабилна, опозицијата постојано обвинува дека граѓаните плаќаат скапи сметки и се соочуваат со нестабилно снабдување со електрична енергија.



