Кои градови во светот се против изградба на дата- центри за податоци?

Објавено:

Од мотор на дигиталната економија до нов извор на локален отпор. Зошто градови и локални заедници почнаа да ги ограничуваат изградбите на дата-центрите, додека вештачката интелигенција ја зголемува побарувачката за компјутерска моќ.

Ова прашање не ја одминува нити македонската економија. Откако пред четири дена иницијативата за изградба на дата- центар во селото Панчарево не помина на совет во општината Пехчево, интересот на јавноста се зголеми, а ставовите се поделени.

„Советот и општината си го кажаа својот збор, но ние како држава апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип на индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен. Се разбира во согласност со законите на места каде што има услови и на места каде што оваа индустрија може да се развива. Јас ги слушам оние полемики кои што доаѓаат од страна на опозицијата. Далеку од вистина е тоа што тие го кажуваат“, изјави Мицкоски.

Мицкоски најави дека Владата преговара со најмалку пет до шест потенцијални инвеститори за изградба на дата-центри во Македонија, меѓу кои, како што рече, има и голема мултинационална компанија. Тој посочи дека Владата останува на стратегијата за привлекување инвестиции во дата-центри, оценувајќи дека ваквите проекти не треба однапред да се третираат како закана за квалитетот на животот на граѓаните. Како пример ги посочи глобалните компании NVIDIA, Amazon, SpaceX и OpenAI.

Според него, дел од плановите се поврзани и со изградба на гасни централи кои би произведувале електрична енергија што потоа би се користела за потребите на дата-центрите.

Критиките кон проектот ги оцени како „хистерија создадена од малкумина“, порачувајќи дека владата нема да отстапи под таквиот притисок. Во поширок политички контекст, тој ги претстави дата-центрите како симбол на „современата технологија“, спротивставувајќи ги на она што иронично го нарече „марихуана-економија“ на претходната власт. Притоа, најави дека на следните избори граѓаните, меѓу другото, ќе избираат и помеѓу овие два спротивставени модели на економски развој.

Во меѓувреме Левица остро реагираше на најавениот проект во Пехчево, обвинувајќи ја власта дека го распродава енергетскиот и водниот потенцијал на локалната заедница без јасни податоци за инвеститорот. Партијата побара од надлежните да појаснат колку работни места ќе останат по изградбата и колкава ќе биде потрошувачката на струја и вода, пред да се донесе одлука.

Зошто дата – центрите креваат толку прашина во јавноста?

На прв поглед, дата-центарот е речиси невидлива инфраструктура. Нема чад, фабрички оџаци или производна лента. Но зад секоја услуга во облак, пребарување, видео, банкарска трансакција и сè почесто зад секое прашање до генеративна вештачка интелигенција стојат сервери кои мора постојано да работат. И токму затоа, во моментот кога светот се обидува да ја забрза дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција, дата-центрите стануваат и енергетско, урбанистичко и политичко прашање.

Терминот „центар за податоци“ односно дата-центар генерално се однесува на физичката зграда во која се сместени моќни компјутери (обично илјадници), системи за складирање податоци и мрежна опрема. Овие објекти се активни 24/7, складирајќи и управувајќи со податоците поврзани со различни веб-апликации и услуги.

Меѓународната агенција за енергетика (IEA) проценува дека дата-центрите во 2025 година потрошиле околу 485 терават-часови електрична енергија (TWh), а до 2030 година потрошувачката би можела да достигне околу 950 TWh – речиси двојно повеќе. Тоа би било околу три отсто од глобалната потрошувачка на електрична енергија. Растот веќе се гледа. Само во 2025 година потрошувачката на електрична енергија на дата-центрите пораснала за 17 проценти, додека кај дата-центрите специјализирани за вештачка интелигенција растот бил уште побрз.

Но глобалната бројка не ја покажува целата слика.

Проблемот не е само колку струја се троши, туку и каде се троши

Дата-центрите можат да бидат релативно мал дел од глобалната потрошувачка на електрична енергија, но нивното влијание е концентрирано во одредени региони и градови, што е причина за негодување и отпор во дел од локалните заедници во светот. Во САД ова веќе станува сериозен политички проблем. Според една од анализите на новинската агенција Ројтерс (Reuters) објавена пред две недели, само во првиот квартал од 2026 година околу 75 проекти за дата-центри, со вкупна вредност од околу 130 милијарди долари, се соочиле со локален отпор. Причините се различни , од потрошувачка на електрична енергија и вода, бучава, изгледот на објектите и стравувања дека инфраструктурните трошоци ќе се префрлат врз граѓаните.

Ројтерс известува дека и големите банки при проценката на финансирањето на вакви проекти сè повеќе ги земаат предвид локалната поддршка, регулаторниот ризик и подготвеноста на заедницата.

IEA проценува дека САД, Кина и Европа веќе се најголемите центри на потрошувачка, а околу половина од американскиот капацитет е концентриран во само пет регионални кластери.

Стравот кој владее во светот покрај нафтената и економска криза предизиката од воените дејствија на САД врз Иран дополнително расте поради недостиг на одговорот на прашањето „Кој ќе ја обезбеди дополнителната електрична енергија потребна за дата-центрите, кој ќе ја плати новата мрежа и дали граѓаните ќе го почувствуваат тоа на своите сметки и буџети кои се веќе истоштени и потистразнети од инфлацијата?“

IEA проценува дека обновливите извори ќе обезбедат речиси половина од дополнителната електрична енергија потребна за растот на дата-центрите до 2030 година. Но, природниот гас и другите извори, вклучително и нуклеарната енергија, исто така ќе имаат значајна улога.

Некои градови рекоа „не“

Најрадикалниот пример во моментов е Монтереј Парк кој се наоѓа во САД, поточно во сојузната држава Калифорнија. Градот во јануари 2026 година воведе мораториум на развојот на дата-центри. Потоа градскиот совет продолжи со постапка за целосна забрана, а на локален референдум беше поставено прашање дали дата-центрите треба да бидат забранети на целата територија.

Аргументите официјално наведени во предлогот се заштита на квалитетот на воздухот, ресурсите за питка вода и јавното здравје, како и спречување влијание врз цените на електричната енергија и водата.

Подоцнежните градски документи покажуваат дека забраната била претворена во трајна политика: официјалната страница на градот денес наведува „citywide prohibition on data centers“.

Но, од друга страна, инвеститорите не се откажале. Тие го оспоруваат пристапот на градот и тврдат дека процесот бил неправеден и дека претходните проценки не покажале значајни влијанија врз животната средина.

Токму ова е суштината на дебатата дека во основа не се работите црно-бели и поделени на „добри граѓани“ и „лоши инвеститори“. Постои конфликт меѓу различни јавни интереси.

Во Њу Орлеанс (New Orleans), градскиот совет исто така воведе едногодишен мораториум, со цел да се преиспитаат правилата пред да се дозволи нова изградба; актуелниот предлог предвидува најголемите, таканаречени „hyperscale“ центри во иднина да бидат забранети, додека помалите би подлежеле на посебни услови и еколошки проверки.

Слични реакции има и пошироко во САД, каде што локалните заедници се спротивставуваат поради стравувања од раст на трошоците за електрична енергија, потрошувачката на вода, бучавата и притисокот врз локалната инфраструктура

Британскиот медиум Гардијан (The Guardian) неодамна пишуваше за шкотскиот отпор кон новите центри, каде што локалните жители предупредуваат дека компаниите доаѓаат поради релативно достапната енергија и водните ресурси, додека самите заедници стравуваат од огромната потрошувачка на ресурси и од промената на локалниот простор.

Во еден од примерите, предложен е дата-центар од 600 MW, што ги натера властите да воведат дополнителен надзор над проектите поголеми од 50 MW. Како што покажува случајот, спорот веќе не е само дали на светот му треба повеќе компјутерска инфраструктура, туку дали локалните заедници се подготвени да ја отстапат својата енергија, вода и земјиште за глобалната AI економија.

Амстердам и Лондон не забрануваат, но поставуваат граници

Европскиот пристап е нешто поинаков, покажува анализата на Ројтерс.

Amsterdam одамна ја препознава инфраструктурната цена на дата-центрите. Градската политика за нивната локација поставува ограничувања на растот и услови поврзани со потрошувачката на енергија, вода и простор. Одржливоста е предуслов за нови дата-центри, а градот поставува барања поврзани со зелена електрична енергија и користење на отпадната топлина.

Слична е состојбата и со Лондон, каде што не се забранува изградба на дата- центри затоа што е утвдена потребата од нив. Градот веќе има околу 760 MW оперативен капацитет на дата-центри, додека повеќе од 8 GW дополнителен капацитет се наоѓа во редот за приклучување на електричната мрежа. Тоа е повеќе од единаесет пати над постојниот оперативен капацитет.

Поради тоа, Лондон се обидува да најде среден пат. Во новиот нацрт-план се предлага дата-центрите да се лоцираат земајќи ги предвид сегашниот и идниот капацитет на електричната мрежа, а истовремено да се бара поголема енергетска и водна ефикасност и употреба на технологии за ладење што ја намалуваат потребата од питка вода.

Во тој контекст Лондон не се обидува да ја запре дигиталната економија, но не сака ни дата-центрите да се натпреваруваат со домаќинствата, индустријата и станбената изградба за истата ограничена инфраструктура.

А потоа доаѓа водата

Еден од најмалку видливите, но потенцијално најчувствителните проблеми е водата. Серверите произведуваат огромни количества топлина. За нивно ладење се користат различни системи, од воздушно ладење до системи што користат вода.

Но тука нема едноставна формула според која секој дата-центар троши иста количина вода. Истражување објавено во 2025 година од истражувачи од Националната лабараторија Беркли, (Lawrence Berkeley National Laboratory) покажува дека потрошувачката на вода по работно оптоварување може да варира за повеќе од 10.000 пати и тоа зависи од ефикасноста на серверите, начинот на ладење, климатската зона, изворот на електрична енергија и други фактори. Тоа во превод би значело дека локацијата и условите се клучни за да се утврди потрошувачката на вода.

Дата-центар во регион со изобилство вода и енергија не е исто што и дата-центар во сушен регион со ограничени резерви на вода и преоптоварена електрична мрежа.

Во САД, конфликтот околу дата-центрите стана особено голем во региони погодени од суши. Британскиот Гардијан (The Guardian) известуваше за проектот Стратос (Stratos) во Јута, кој би бил двапати поголем од Менхетен и, според извештајот, сам би ја удвоил вкупната потрошувачка на електрична енергија на државата. Проектот предизвика силен отпор поради стравувањата од раст на сметките за струја и дополнителен притисок врз водните ресурси и Големото Солено Езеро.

Случајот ја илустрира суштинската дилема на ВИ-бумот, а тоа е дека технологијата може да стане поефикасна, но нејзината експанзија може истовремено да создава сè поголема апсолутна побарувачка за енергија и вода.