Советниците во советот на Општина Пехчево гласаа против изградбата на дата-центар во селото Панчарево, откако иницијативата предизвика отпор од граѓани, еколошки организации и од партии затоа што не е објавено кој ќе биде инвеститор, колку струја ќе троши дата-центарот и кои ќе бидат придобивките за жителите на пехчевско и на државата.
Според Миле Гошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, да се гласа „против“ било нивна иницијатива.
И советниците од опозициската СДСМ побараа да се повлече точката за иницијативата поврзана со изградба на дата-центар и таа да биде разгледувана на наредна, отворена седница на која граѓаните ќе бидат информирани за проектот.
„Нашиот став е јасен, нема да ја поддржиме таа иницијатива“, изјави Јовчев, според соопштение на СДСМ.
Во Советот на Пехчево, петмина советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца се од коалицијата на СДСМ и еден советник е од партијата ЗНАМ.
На седницата на општинскиот Совет, присуствувале и 30-тина граѓани, кои дошле да бараат дополнителни одговори од градоначалникот.
Како што објави Колегиум.мк, пет парцели се на еден имотен лист, во местото „Шабанов лаг“ во Панчарево. На локацијата има ниви, пасишта и шума, според податоците што можат да се проверат на интернет-страницата на Катастарот, со состојба од 20 август.
Како носители на правото на овој имотен лист, според податоците од Катастарот, се наведени две лица: едното има исто име и презиме со поранешен пратеник од СДСМ од општина во струмичко, во собранискиот состав 2002-2006 година, познат како бизнисмен со фирми во секторот за производство на струја. Вториот сопственик е физичко лице од Делчево.
Нема информација дали тие се и подносители на иницијативата за изградба на дата – центар, затоа што општина Пехчево не објави кој е иницијаторот.
Дата – центрите се згради што содржат компјутерски системи, сервери, мрежна опрема и складишта за податоци. Наменети се за сместување, напојување и ладење на огромно количество компјутерски сервери и мрежна опрема, поради што им се потребни системи за напојување и системи за ладење (струја и вода). Еколошки организации сметаат дека таков проект ќе има сериозно влијание врз водата, енергијата и природата, додека Владата ги претстави дата – центрите како развојна шанса за Македонија што ќе донесе нови инвестиции, нови работни места и раст на бруто-домашниот производ(БДП).


