Двајца сопственици на парцелите за дата-центар кај Панчарево, едниот има исто име и презиме како поранешен пратеник на СДСМ

Објавено:

Планинското село Панчарево, место со околу 200 жители близу границата со Бугарија на истокот од државата, требаше да биде една од локациите на која ќе се гради дата – центар доколку Советот на општина Пехчево (во чиј атар е Панчарево) на денешната седница изгласаше изградба на ваков центар на петте предвидени парцели. Иницијативата предизвика отпор од граѓани, еколошки организации и од партии затоа што не се објавува кој ќе биде инвеститор, колку струја ќе троши дата-центарот и кои ќе бидат придобивките за жителите на пехчевско и за државата.

Според информации на Колегиум.мк од советници, Советот на општина Пехчево утрово ја отфрлил иницијативата. „Против“ гласале сите девет советници.

Во Советот на Пехчево, петмина советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца се од коалицијата на СДСМ и еден советник е од партијата ЗНАМ.

На седницата на општинскиот Совет, присуствувале и 30-тина граѓани, кои дошле да бараат дополнителни одговори од градоначалникот.

Претходно, советниците од опозициската СДСМ побараа да се повлече точката за иницијативата поврзана со изградба на дата-центар во Панчарево и таа да биде разгледувана на наредна, отворена седница на која граѓаните ќе бидат информирани за проектот.

„Нашиот став е јасен, нема да ја поддржиме таа иницијатива“, изјави Јовчев, според соопштение на СДСМ.

Дата – центрите се згради што содржат компјутерски системи, сервери, мрежна опрема и складишта за податоци. Наменети се за сместување, напојување и ладење на огромно количество компјутерски сервери и мрежна опрема, поради што им се потребни системи за напојување и системи за ладење (струја и вода). Еколошки организации сметаат дека таков проект ќе има сериозно влијание врз водата, енергијата и природата, додека Владата ги претстави дата – центрите како развојна шанса за Македонија што ќе донесе нови инвестиции, нови работни места и раст на бруто-домашниот производ(БДП).

Проектот се надоврзува на неодамнешните измени во Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, со кои дата центрите добија статус на градби од национално значење и е воведена забрзана постапка во која стручна ревизија и јавна анкета не се задолжителни.

Чии се парцелите, кој е инвеститорот?

Според информацијата на интернет – страницата на општина Пехчево, Предлог – одлука за прифаќање на иницијативата за отпочнување на постапка за изработка на Урбанистичко планска документација Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање на градежна парцела за изградба на објект со намена Г4.7 – Градби за чување и складирање на дигитални податоци е втора точка на денешната, 11 седница на Советот. Градежната парцела треба да се оформи на катастерските парцели (КП) 6268/1, КП 6268/2, КП 6268/3,КП 6269 и КП 6270 во Панчарево.

Според проверката што ја направи Колегиум.мк со податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, овие пет парцели се на еден имотен лист, во местото „Шабанов лаг“ во Панчарево. На локацијата има ниви, пасишта и шума, според податоците што можат да се проверат на интернет-страницата на Катастарот, со состојба од 20 август.

Како носители на правото на овој имотен лист, според податоците од Катастарот, се наведени две лица: едното има исто име и презиме со поранешен пратеник од СДСМ од општина Ново Село во струмичко, во собранискиот состав 2002-2006 година, познат како бизнисмен со фирми во секторот за производство на струја.

Вториот сопственик е физичко лице од Делчево.

Нема информација дали тие се и подносители на иницијативата за изградба на дата – центар, затоа што општина Пехчево не кажа кој ја поднел иницијативата.

Колегиум.мк се обиде, но досега не успеа да стапи во контакт со лицата на чии имиња гласи имотниот лист за конкретните парцели.

Обвинувања за нетранспарентност и за одлучување „зад затворени врати“

Еко-иницијативата „Зелена народна стража“ објави видео во кое обвини дека целиот процес се прави скришно и нетранспаретно и побара да се стопира постапката и советниците да гласаат „против“. Тие велат дека иницијативата за дата – центар е без објавен инвеститор, без да се знае колку струја и вода ќе троши, колкава ќе биде инвестицијата, колку граѓаните треба да платат за ова, без студија за животна средина, без информирање на граѓаните и без ниту една јавна расправа.

„Кој сака од оваа зелена оаза на Македонија да направи пустина? Бараме да се стопира иницијативата и да се гласа ‘против’ на утрешната седница. Ги повикуваме сите свесни граѓани да го споделат ова видео и да побараат итно стопирање на оваа иницијатива и да обелоденување на сите информации во врска со истата“, соопштија од иницијативата.

Партијата Левица реагираше дека „ДПМНЕ ја распродава енергетската иднина на Македонија со дата-центар во Пехчево“ а јавноста не нзе речиси ништо. Партијата ДОМ излезе со соопштение во кое вели дека „е недозволиво за проект со потенцијално сериозно влијание врз водата, енергијата, природата и локалната заедница да се одлучува зад затворени врати, без доволно информации, јасни анализи и вклученост на експертите граѓаните“.

Владата ја гледа изградбата на дата-центри како еден од потенцијалните двигатели на идниот економски раст, особено во услови кога глобалната економија сѐ повеќе се потпира на вештачката интелигенција, обработката на податоци и дигиталните услуги. Во тој контекст, можноста за изградба на дата-центри во Македонија пред три месеци ја најави вицепремиерот Александар Николовски.

„Со развој на вештачката интелегенција и целосната револуција што му се случува на светот во насока на вештачката интелегенција, дата-центрите стануваат нивна неопходност и поддршка. Македонија тука треба да води паметна политика и да привлече инвеститори кои ќе инвестираат во големи дата-центри. За да го овозможиме тоа потребни се законски измени за урбанизирање вакви центри и начин на нивна градба. Планираме да се направи тоа централизирано и во рамки на Владата да се води целиот процес со цел кога ќе доаѓаат потенцијалните инвеститори да имаат веќе спремни локации и проекти на кои ќе можат да инвестираат. Тоа ќе значи стотици милиони евра за Македонија, нови вработувања и раст на БДП. За таа цел правиме измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење кои се во финална фаза со кои што овозможуваме дата-центри да се градат во Македонија на организиран начин и тоа да значи нови инвестиции, нови работни места и раст на БДП, како и да ги следиме светските трендови во развојот на вештачката интелегенција“, изјави тогаш Николовски.

Филипче повика на национална мобилизација, за Мицкоски дата-центрите се новата нафта

Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, обвини дека владата на премиерот Христијан Мицкоски денеска на мала врата се обидела да протурка изградба на дата-центар во Пехчево и повика на „национална мобилизација“ против ваквите проекти. Филипче кажа дека точката е повлечена од двенен ред на Советот на Општина Пехчево под притисок на СДСМ и на неговите советници.

„Но, тоа не значи дека власта се откажала од идејата. Затоа повикувам на национална мобилизација да спречиме водата и струјата да паднат во раце на профитери на грбот на народот. Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат водата и струјата на граѓаните да ги продадат и да ги стават во функција на странски дата-центри за сопствени тендерски профити“, рече Филипче во видеообраќање на социјалните мрежи.

Но, Мицкоски е уверен дека ако не се препознае дека сега е момент за изградба на дата-центри и ако не се обезбедат услови за нив, ќе нема раст на државата. Притоа, премиерот тврди дека секако треба да бидат запазени сите услови – заштита на животната средина, на граѓаните и на сè што е неопходно за нивно безбедно функционирање.

„Како инженер и како човек сметам дека вештачката интелигенција и податочните, односно дата-центрите, се новата нафта“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката на Советот на Општина Пехчево.

Но, потенцираше дека тоа била приватна иницијатива, нацрт-предлог на урбанистички план.

„Кога ова би бил владин проект, ние би излегле и би кажале што е тоа што ќе го прави државата. Тоа треба да го разграничиме“, рече Мицкоски.

Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според која „додека Венко Филипче ја замајува јавноста со кампања против дата центрите, негови луѓе поднесуваат иницијативи и бркаат маркици за дата центри“.

„Венко Филипче и Зоран Заев преку нивни испостави сакаат да дојдат до маркици за дата центри, како што тоа го правеа со лиценците за марихуана. Драги Ѓорѓиев, пратеник на СДС од 2002 до 2006 година е човекот кој стои зад Иницијативата за дата центар во Пехчево. Драги Ѓорѓиев е испостава на Зоран Заев и Венко Филипче“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Светските трендови покажуваат дека САД и Кина се водечки пазари на дата-центри во светот според капацитетот, додека Малезија бележи најбрз раст. Јапонија, Велика Британија, Германија, Ирска и Холандија, исто така, се големи и зрели пазари со значителни апсолутни капацитети, но нивниот раст во последниот период е поскромен поради сè поголемите ограничувања за пристап до електропреносната мрежа.

Развојот на вештачката интелигенција (AI) ги прави овие центри клучна економска инфраструктура. Само на европскиот пазар, вредноста на дата – центрите се проценува на околу сто милијарди евра.