Македонија ќе го добие својот прв центар за вештачка интелигенција „Везилка“

Објавено:

Македонија ќе го добие првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, Центарот ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и во создавањето домашна дигитална база која ќе овозможи македонскиот јазик, култура и идентитет да бидат соодветно застапени во современите технологии.

„Везилка е проект насочен кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел што ќе може да го користат институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните. Целта е да се намали зависноста од странски алатки, кои често не го препознаваат доволно прецизно македонскиот контекст“, изјави Андоновски на ТВ Телма.

Според него, преку овој проект се поставуваат темелите за создавање домашни решенија засновани на вештачка интелигенција, кои ќе се користат во јавниот интерес, образованието, науката, економијата и дигиталната трансформација на државата.

Носител на проектот е ФИНКИ, кој веќе воспоставил соработка со повеќе релевантни институции, меѓу кои Службен весник, Собранието, Националната и универзитетска библиотека, МАНУ, како и институтите за македонски јазик и литература. Со оваа соработка ќе се обезбеди квалитетна база на податоци, вклучително законски и подзаконски акти, стручна литература и други содржини на македонски јазик.

Андоновски информира дека и граѓаните ќе можат да придонесат во проектот преку прикачување дигитализирани трудови, магистерски и докторски истражувања, со што ќе се збогатува македонскиот дигитален јазичен корпус.