Нема да дозволиме ниеден негативен ефект врз животната средина за да се градат дата-центри. Нема да се сечат дрвја, ниту ќе се дозволат какви било други штетни влијанија врз природата за да добиеме некаков бенефит, уверува министерот за дигитална информација Стефан Андоновски по најавите дека во Македонија ќе се градат големи дата-центри.
„Мислам дека тоа беа глуви, назадни зборови и желби на одредени поединци да создадат еден вид лажна хистерија“, изјави Андоновски.
Владата во текот на 2026 година ја отвори темата за изградба на големи дата-центри во Македонија како дел од стратегијата за развој на дигиталната економија. Вицепремиерот Александар Николоски најави законски измени што треба да го олеснат инвестирањето во вакви капацитети, оценувајќи дека тие се неопходни за развојот на вештачката интелигенција и можат да донесат нови инвестиции и работни места.
Андоновски на денешната прес-конференција, рече дека се размислува дата-центрите да бидат лоцирани во технолошко-индустриските развојни зони, на места на кои веќе има постојни фабрики.
„Постојат дискусии и дебати на темата за поволностите и недостатоците на изградба на поголеми фабрики за податочни центри. Во ниеден момент нема да ја компромитираме животната средина со каква било инвестиција во државата. Секоја градба мора да помине елаборат за животна средина, особено кога станува збор за странски инвестиции и нема да дозволиме да имаме каков било негативен ефект врз животната средина. Во консултација со сите релевантни експерти од ИТ, машинство, индустрија, нема човек што зборува против изградба на центар за податоци. Прашањето е големината и соодветно како тоа ќе има влијание на животната средина, но нема да направиме ниеден чекор што ќе значи злоупотреба на животната средина или добивајќи бенефит од центарот за податоци, да ги загрозуваме водата, животната средина, воздухот“, рече министерот.
Претходно Андоновски соопшти дека е подготвена физибилити студија за изградба на Национален дата-центар, кој треба да биде клучна инфраструктура за државниот облак, сајбер-безбедноста и дигиталните услуги. Проектот, сепак, отвори и дебата за неговото влијание врз електроенергетскиот систем и животната средина.
Во светски рамки, дата-центрите стануваат и значаен потрошувач на електрична енергија. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија (IEA), нивната потрошувачка продолжува да расте поради експанзијата на вештачката интелигенција, што дополнително го зголемува интересот за користење обновливи извори на енергија и енергетски ефикасни системи за ладење.



