Македонија официјално го промовираше проектот „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција(ВИ), кој има за цел да создаде инфраструктура за развој на современи технологии, истражувања и иновативни решенија со примена на оваа технологија и треба да ја поврзе домашната научна заедница, државните институции и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на ВИ.
„Везилка“ треба и да придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик, бидејќи, како што беше речено на промоцијата дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, станува прашање на зачувување на македонскиот културен идентитет. Проектот треба да ја подготви државата за тоа што допрва доаѓа со развојот на вештачката интелегенција.
„Везилка“ е почеток на процес кој ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите луѓе, и кој ќе помогне земјата да се позиционира онаму каде знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома со домашен потенцијал, домашна експретиза и домашна визија“, рече премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата.
Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Кирил и Методиј“ ( УКИМ), во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
Преку стратешко партнерство со фабриката за вештачка интелигенција „Pharos“ во Грција, „Везилка“ ја вклучува државава во европскиот екосистем за вештачка интелигенција.
Според Мицкоски, пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени во државава да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво.
- Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека со „Везилка“ започнува процес што ќе трае со години и ќе остави траен белег врз нашата економија, наука и општество.
- „Везилка“ не е проект за компјутери. Везилка е проект за луѓе. За студентите кои денес се во амфитеатрите, утре ќе бидат инженери и научници. Стартапите кои денес имаат идеја, а утре ќе создаваат глобални решенија. Институциите кои треба да станат поефикасни, компаниите кои треба да станат поконкурентни, но првенствено граѓаните кои треба да добијат подобри услуги. Затоа, проектот е насочен кон области кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот: здравство, енергетика, земјоделство, јазик и култура“, рече Андоновски.
Според него, проектот е една од најзначајните инвестиции во развојот на националниот капацитет за вештачка интелигенција и него државата станува дел од најамбициозната европска иницијатива во областа на ВИ.
Овој проект беше избран е за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI-factory antennas.
Преку иницијативата Фабрики за вештачка интелигенција (AI Factories), Европа создава мрежа од капацитети од светска класа кои на едно место ги здружуваат компјутерската моќ, податоците, талентот, истражувачките институции, стартапите, индустријата и јавните власти. Денес, 19 фабрики за вештачка интелигенција и 13 антени за вештачка интелигенција помагаат во изградбата на меѓусебно поврзан европски екосистем за вештачка интелигенција. Преку Заедничкото претпријатие за европско компјутерско работење со високи перформанси (EuroHPC), Европа инвестира милијарди евра во напредна суперкомпјутерска инфраструктура, додека иницијативата „Инвест АИ“ (Invest AI) има за цел да мобилизира до 200 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за поддршка на развојот на доверлива вештачка интелигенција.


