Македонската фудбалска репрезентација во рамките на второто коло на УЕФА Лигата на нации, вечер во Љубљана игра против селекцијата на Словенија.
Во првото коло Македонија беше поразена од Швајцарија во Скопје со 3 спрема 0.
Голманот на репрезентацијата Столе Димитриевски и покрај трите примени гола беше најдобриот поединец во нашиот состав на дуелот со Швајцарија. Македонскиот национален тим, пред сè одбраната, повторно ќе биде на испит и на денешниот дуел со Словенија.
„Знаеме дека не одигравме на посакуваното ниво против Швајцарија. Разговаравме меѓу себе и сега мора да покажеме реакција. Имаме малку време меѓу натпреварите, но мора да се подготвиме, да се поддржиме и максимално да одговориме на задачата. Овој дрес и Македонија заслужуваат да дадеме се од себе. Јас се надевам дека ќе ја завршам мојата работа, ќе ја сочувам мрежата и дека заедно ќе одиграме добар натпревар. Ни требаат неколку квалитетни меча за да ја подигнеме самодовербата“, изјави Димитриевски.
Интересен е факт што двајцата голмани се членови на екипи од шпанската Ла Лига, Столе Димитриевски на Валенсија и Јан Облак на Атлетико Мадрид.


