ЕУ подготвува патокази за четири земји кандидатки – Македонија не е на листата

Објавено:

Брисел за првпат размислува да одреди конкретни датуми за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија за завршување на клучните фази од пристапните преговори, објави порталот „Политико“.

Информациите за тоа што се подготува во институциите на ЕУ, доаѓаат во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на регионот на Западен Балкан и исчекувањето на новиот план за побрза интеграција во Европската Унија (ЕУ).

„Политико“ пишува дека ЕУ подготува предлози со кои на четирите земји што се најблиску до приклучување кон Унијата ќе им се понуди јасен, постепен пат кон членство, додека другите кандидати заостануваат во процесот. Според двајца високи претставници на Европската комисија, кои анонимно зборувале за „Политико“ се разгледуваат целни патокази за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, како дел од напорите за забрзување на процесот што трае со децении.

Овие четири земји, како што навеле изворите, се сметаат за предводници во процесот на пристапување кон ЕУ, но и понатаму се соочуваат со бавен напредок и нејасни рокови за формален прием во Унијата. Иако Брисел долго време ги поддржува ниовните аспирации и кандидатури за членство, патоказите кои се разгледуваат ќе бидат прв чекор со кој овие земји ќе добијат конкретни уверувања, во контекст на предвидливоста на процесот, бидејќи содржат индикативни рокови за завршување на преговорите доколку продолжат со суштинските реформи, пишува „Политико“.

Патоказите, според претставници на ЕК, појасно и детално ќе ги дефинираат обврските на секоја земја кандидат, како и одговорностите на земјите членки кои треба да дадат „зелено светло“ за напредок на процесот. Плановите, исто така, предвидуваат приближни датуми за формално затворање на преговарачките кластери, кои се клучните чекори на патот кон членство.

Во оваа фаза, според соговорниците на „Политико“, патокази нема да им бидат понудени на Македонија, Косово и Босна и Херцерговина (БиХ). Надвор од планот остануваат и Грузија, Турција и Србија, чии пристапни процеси, според Унијата, се соочуваат со застој поради проблеми поврзани со демократските процеси и владеењето на правото.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата овој месец, најави целна поддршка за земјите кандидати „кои постигнале најголем напредок“.

Лидерите на ЕУ, во услови на растечки геополитички предизвици и зголемени тензии од глобалните ривали, сè повеќе ја нагласуваат потребата од проширување на Унијата со нови членки. Во Брисел, како што пишува порталот, постои загриженост дека предолгиот пристапен процес може да ги демотивира потенцијалните членки и да ги втурне во геополитичката сфера на трети страни, односно кон ривалите на ЕУ.

Како дел од пошироката ревизија на политиките пред проширувањето, Европската Комисија разгледува механизми што би спречиле идни членки да ги блокираат клучните политики на Унијата или да се откажат од преземените обврски.

Фон дер Лајен неделава ќе ги посети Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово. Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во Њујорк, побара побрза испорака на конкретни придобивки за граѓаните од регионот.

Во интервју за МРТ1, Мицкоски рече дека Брисел треба директно да се вклучи во разговорите меѓу Скопје и Софија бидејќи постои билатерален спор кој треба да се решава преку дијалог со присуство на претставници на Европската Унија. Мицкоски нагласи дека нема да прифати процес во кој условите за евроинтеграција би можеле постојано да се менуваат и побара поголема предвидливост во пристапниот процес.

Опозицискиот СДСМ, пак, обвини дека владата предводена од Мицкоски спроведува српско-руска агенда и намерна политика за изолација на земјава.

„Брисел спрема акциски планови за земјите најблиску до членство – Црна Гора, Украина, Молдавија, Албанија. Македонија е изоставена заедно со Србија, Косово и Босна, како земји што не мрднале. Ние први почнавме и сè уште чекаме затоа што арамијата не ги исполни реформите. Доби рок, го продолжи за една година. Вети 1 јуни, а оттогаш ни глас. Патоказот не се дава на банда. Се дава на институција“, соопшти СДСМ.

Според опозиционерите, застојот на македонските евроинтеграции најмногу им одговара на интересите на Србија и на Русија. Задржувањето на земјава надвор од Европската Унија, велат од СДСМ, би создало простор за влијание на Белград и Москва во регионот. Нарекувајќи го руски прокси-играч, од СДСМ обвинија дека премиерот Мицкоски води политика која им одговара на руските интереси.

Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.