Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ги прескокне Србија и Босна и Херцеговина за време на нејзината балканска турнеја, објави во петок, Европската комисија.
„За време на турнејата, претседателката фон дер Лајен ќе ги посети Тирана, Приштина, Подгорица и Скопје. Таму ќе се сретне со претседатели и премиери, како и ќе посети проекти финансирани од Европската Унија“, изјави портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста.
Посетата на четири земји од регионот е закажана помеѓу 30 септември и 2 октомври.
Се шпекулираше дека фон дер Лајен нема да ја посети Србија како дел од нејзината балканска турнеја поради политички и социјални тензии, а и погребот на Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства и геноцид, предизвика силни реакции од ЕУ. Членовите на Европскиот парламент, исто така, ја повикаа шефицата на Европската комисија да не оди во Белград.
Во пресрет на претстојните парламентарни и општи избори во Србија и Босна и Херцеговина, претседателката на Европската комисија планира да ги посети овие земји подоцна, изјави Подеста.
Ова ќе биде шеста нејзина турнеја низ регионот, која стана традиција на претседателката на Европската комисија пред објавувањето на годишниот пакет извештаи за напредокот на земјите-кандидатки.
„Како што рече претседателката на самитот во јуни, нашата Унија нема да биде комплетна без Западен Балкан. За време на разговорите, таа ќе разговара со своите партнери за потребните чекори на патот на овие земји кон Европската Унија, како и за процесот на постепена интеграција што го поддржува Планот за раст за Западен Балкан“, изјави портпаролката Подеста.


