Фон дер Лајен смета дека Европската Унија е посилна од кога било, но и најнестабилна досега

Објавено:

На почетокот од својот говор денеска пред Европскиот парламент во Стразбур за состојбата на Европската Унија и приоритетите за следната година, Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ е посилна од кога било, но и најнестабилна досега, посочувајќи дека во ова сложено време Унијата избрала да оди по свој пат.

Таа го цитира описот на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција како „најдобри времиња, но и најлоши времиња“ додавајќи дека исто е и во денешниот свет и оти брзината на промените е неверојатна.

Фон дер Лајен изјави дека Европската Унија избрала да се бори против „токсичното влијание“ на Русија, да застане на страната на Украина, која се бори за својата иднина и за европската безбедност, како и да застане на страната на Гренланд.

Овогодинешниот говор за состојбата на Унијата беше придружуван од специјален гостин, канадскиот премиер Марк Карни. Неговата посета доаѓа во време кога Канада се стреми да ги зајакне врските со ЕУ, особено во областите на одбраната, дигиталната регулатива и трговијата, во услови на тензии со САД под администрацијата на Доналд Трамп. Карни утре ќе се обрати пред Европскиот парламент.

Фон дер Лајен истакна дека Европа и Канада веруваат во демократијата и принципот дека моќта не им припаѓа на најсилните, најбогатите и најгласните, туку на сите, како и во слободата на демократските општества сами да изберат со кого ќе соработуваат.

Таа објави дека ЕУ сака да го подигне партнерството со Канада на највисоко можно ниво

„Ќе работиме заедно за да ја отвориме вратата за Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија“, рече таа, а нејзиниот предлог беше проследен со стоечки овации.

Додаде дека ова не е партнерство насочено против никого, туку партнерство за заедничка сила.