Уште еден пациент со западнонилска треска во текот на викендот почина на Клиниката за инфективни болести. Станува збор за 70 годишен пациент од општина Аеродром, изјави директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Тој посочи дека починатиот 57 дена бил на Одделот за интензивна нега на Клиниката, но и покрај сите преземени мерки и постапки, во текот на викендот починал.
На Клиниката за инфективни заболувања се хоспитализирани седум пациенти, од кои двајца се со потешка клиничка слика.
- „Има само еден нов потврден прием од 25 септември. Инаку, вкупно на Клиниката седум пациенти се хоспитализирани, од кои двајца се со потешка клиничка слика. Тие се нови пациенти на кои им се влошила клиничката слика и се префрлени на Оделот за интензивна нега. Еден од пациентите е од поновите хоспитализирани, кој од приемот е со потешка клиничка слика. Сите се возрасни и со дополнителни придружни заболувања. Последниот пациент е од Росоман, а другите се главно од Скопје“, изјави д-р Цана.
Во врска со тоа дали има висок процент на смртност во споредба со потврдените случаи на западнонилска треска во земјата, рече дека не би кажал оти имаме висок процент.
- „Според нашите статистики, сè е во рамките на тоа што го има и во светот. Значи, и во Грција, и во Италија, и во другите земји, каде што е потврдена оваа инфекција. Секогаш треба да сме претпазливи, да се придржуваме на сите мерки што ги даваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Инфекциите цело време се присутни во природата и цело време ние сме изложени и може да се инфицираме – рече д-р Цана.
Досега 67 пациенти биле лекувани од западнонилска треска на Инфективна клиника. Од нив, 10 се починати, 50 се излекувани, а седум во моментот се лекуваат.
Западнонилската треска првпат во Македонија беше регистрирана во 2011 година. Во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година регистрирани се вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. За истиот период регистрирани се пет смртни случаи асоцирани со оваа болест.
Во 2026 година е регистрирано значително зголемување во однос на претходните години, како на заболени така и на починати.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.


