Американскиот новинар и конзервативен коментатор, Такер Карлсон, откри детали од приватната средба со американскиот претседател Доналд Трамп непосредно пред почетокот на војната со Иран, тврдејќи дека во Овалната соба директно се обидел да го убеди претседателот да не влегува во конфликтот.
Карлсон, во интервју за Ен-Пи-Ар, изјави дека разговорот се случил само неколку дена пред почетокот на војната. Според неговата верзија на настаните, тој лично го предупредил Трамп дека американското влегување во војна со Иран може да има сериозни последици за позицијата на САД на Блискиот Исток, но и за политичкото наследство на самиот претседател.
„Му реков на Трамп, четири дена пред почетокот на војната, дека ако го направи ова, САД ќе бидат истиснати од Заливот и дека неговото наследство и неговата партија ќе бидат уништени“, раскажува Карлсон за разговорот во Овалната соба.
Според него, Трамп одговорил: „Да, во право си.“
Но, Карлсон тврди дека разговорот потоа добил многу подраматичен тек.
Тој вели дека се обидел да му објасни на претседателот дека последиците од една голема војна со Иран нема да ги почувствува само сегашната американска администрација, туку потенцијално и идните генерации.
Карлсон вели дека му го поставил прашањето: „Но, што е со нашите деца, нашите внуци, нашата земја?“
Според сведоштвото на Карлсон, одговорот на Трамп бил „да, во право си“, но додал „но, на крајот сите ќе умреме“.
Карлсон подоцна го опиша ваквиот став како форма на „нихилизам“.


