Последните ученици во селата што се празнат

Објавено:

Затворањето на едно училиште не е само образовна мерка, туку и последица на испразнувањето на македонските села. Според пописот од 2021 година, во Долни Балван има 310 жители. Тоа е пад од 13 отсто на бројот на жители во последните две децении. Слична ваква судбина имаат и делчевските, пелагониските и преспанските села, кои се соочуваат со миграција и намален наталитет. Жители изјавуваа дека емотивно го доживуваат затворањето на училиштата, затоа што чувствуваат како да умира селото.

Отпадоци од пластични шишиња направиле „обрач“ од двете страни на тесната патека која води до подрачното основно училиште „Страшо Пинџур“ во Долни Балван, село во општината Карбинци кај Штип.  

На таблата на која е испишано името на училиштето буквите се избледени и речиси исти како и бојата на фасадата што се распаѓа.

Над прозорите – гнезда од птици, празни, како празнотијата од згаснувањето на детскиот џагор на ова место.

А зад аголот, глетката поразува.

На ѕидовите кои веќе се рушат, се вдлабнати имиња на ученици кои внатре меѓу училишните клупи го стекнале своето образование.

Вака сега изгледа зградата на ова училиште кое од денеска се затвора. Тука настава следеа 13 ученици од прво до петто одделение. Од 1 септември тие треба да учат во соседното село Таринци.

„Јас учев тука, мојот татко учеше тука….“

Основото училиште „Страшо Пинџур“ е основано пред нешто повеќе од педесетина години и под него се сите подрачни училишта во општина Карбинци. Училиштето во Долни Балван времено се затвора како дел од оптимизацијата што ја прави Министерството за образование (МОН) поради мал број ученици и несоодветни услови за учење.

Последното образложение што родителите на сегашните ученици го добиле е дека статиката на објектот е нарушена и тој не е безбеден за настава.

Николче Драгев, родител на ученичка која од денес е второ одделение, не верува дека овој објект ќе биде оспособен во иднина. Тој стравува дека училиштето трајно ќе остане затворено.

„Јас учев тука, мојот татко учеше тука….ова е првпат по неколку децении, училиштето да не работи. Кога јас се запишав во 1989 година, во мојата генерација бевме 11 деца. Сите избегаа од тука. И да сака сега некој да се врати, кој ќе дојде без училиште? Ќе си оди во Штип“, вели Драгев за Колегиум.мк.

Тој очекува со затворањето на училиштето, „да се затворат и многу други работи“.

„Празни ќе останат и игралиштето, и паркот, оти децата по цел ден беа тука….Штом еднаш се затвори школо, после се отвара само на избори. Ама, ако не е безбедно за учење, зошто би било безбедно за гласање? Не им гласаме“, револтирано вели Драгев.

Родители на 13-те ученици протестираа поради загриженост за безбедноста на децата кои се на мала возраст, а треба да патуваат до соседното село и бараа да продолжат да учат во Долни Балван. Според нивни изјави од протестот кон крајот на август, тие сметаат дека затворањето на училиштето дополнително ќе го забрза иселувањето на младите семејства од селото и ќе го доведе во прашање неговиот опстанок. Прашаа и зошто доколку било планирано затворање, истото било реновирано пред неколку години.

Од друга страна, градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, изјави дека општината, Министерството за образование и наука и раководството на ООУ „Страшо Пинџур“ не смеат да дозволат децата да следат настава во несоодветни услови, особено што, како што посочи, во соседното населено место има ново училиште на помалку од два километри.

Тивко е во Долни Балван

Според пописот од 2021 година, во Долни Балван има 310 жители. Тоа е пад од 13 отсто на бројот на жители во последните две децении.

Во цела Општина Карбинци има околу 3.000 жители. Според статистичките податоци, од осамостојувањето на Македонија до денес, Карбинци загуби речиси третина од своето население.  Жители од оваа главно земјоделска општина мигрираат кон Штип, кон Скопје, но и кон европските држави, особено Германија, Италија и Швајцарија. Причините, економски и социјални, се сведуваат на истата реченица што ја кажуваат луѓето кои си одат од Македонија – потрага по подобар живот.

Слична ваква судбина имаат и делчевските, пелагониските и преспанските села, кои се соочуваат со миграција и намален наталитет. Жители изјавуваа дека емотивно го доживуваат затворањето на училиштата, затоа што чувствуваат како да умира селото.

Во Делчево, на пример, престануваат со работа дури четири подрачни училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче поради целосен недостиг на ученици.

Од оваа учебна година, државата става клуч на вкупно 26 училишта во Македонија поради што немаат ученици или имаат малку ученици кои наставата ќе ја продолжат во соседното најблиско училиште.  

Вкупно 148 училишни објекти во земјата, главно во селата, во моментов се празни.

Кога го посетивме Долни Балван, не беше тивко само во училиштето, туку и околу него. На тишината која владее на селските улици и сокаци ѝ пркосат само автомобилите кои поминуваат покрај селото на стариот пат Штип – Кочани. Луѓе речиси и немаше, можеби поради топлото време. Но, и тие што рекоа дека би зборувале за нивното противење на намерата да се затвори училиштето, сега останаа тивки.

Од денеска почна новата учебна година. Во образовниот систем моментално има околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се во основно, а 64.000 во средно образование. Тоа е значително помал број ученици во споредба со претходните години. За илустрација, по завршувањето на уписите се очекува бројот на првачиња да биде за најмалку три илјади помал од лани.

Поради намалениот број ученици, Министерството спроведува оптимизација на паралелките во училиштата, што подразбира спојување на помали паралелки со цел учениците да имаат подобри услови за социјализација и учење. Па годинава има 433 паралелки помалку годинава, од кои 222 се во основното и 211 се помалку во средното образование.

Последни објави